Поднесена е кривична пријава против тетовец за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злоупотреба на лични податоци“, кој како вработен во тетовската подружница на Македонска пошта неовластено присвоил пари од пензионерка.
„СВР – Тетово поднесе кривична пријава против В.С.(32) од тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злоупотреба на лични податоци“. Пријавениот, вработен во Македонска пошта – подружница ЦРПС Тетово, Долно Палчиште, тетовско, ја злоупотребил службената положба и овластување така што во временскиот период од јануари 2020 до 28 април 2020 година извршил неовластено присвојување на парични средства во негова корист од трансакциска сметка на клиентот Л.Ј., примател на пензија. Имено, пријавениот секојдневно реализирал исплата и уплата од трансакциска сметка, со цел да го покрие недостатокот во благајната, со тоа што извршил злоупотреба на трансакциска сметка сопственост на оштетената и го извршил и кривичното дело „злоупотреба на лични податоци“, соопшти МВР.
Од МВР информираат дека при извршената контрола од страна на инспектори при АД Пошта било констатирано дека пријавениот имал недостаток во благајната од 83.822 денари, а за извршените исплати и уплати не испраќал никаков документ и во неколку наврати, како што велат, ги потпишувал сам или воопшто не ги потпишувал.