Полицијата идентификувала лице поврзано со камперот кој експлодираше во Нешвил

Американските служби кои ја водат истрагата за големата експлозија на божикното утро во центарот на Нешвил го идентификувале лицето поврзано со возилото ткн „подвижна куќа“ во кое бил ставен експлозивот, соопшти во саботата телевизиската мрежа CBS News, повикувајќи се на свои извори кои рекле дека станува збор за лице „од интерес за истрагата“.

Подоцна, на својот акаунт на Twitter телевизијата објави дека станува збор за 63-годишниот жител на Нешвил, Ентони Квин Ворен, кој судејќи според фотографии од местото на експлозијата, имал возило слично на она коешто беше детонирано ден претходно во центарот на градот.

„Ова лице е поврзано со фургонот кој експлодираше“, пишува во објавата а други поединости засега не се дадени.

Претходно во саботата гувернерот на Тенеси, Бил Ли, побара од претседателот Доналд Трамп да воведе вонредна состојба во оваа сојузна држава и во дописот наведува дека е потребна федерална поддршка и давање пристап до ресурсите за справување со последиците, затоа што според него најмалку 41 компанија претрпеле големи штети во инцидентот.

Капмер-возилото паркирано во центарот на најголемиот град во Тенеси и престолнина на кантри музиката експлодираше во петокот рано утрото кусо откако полицијата забележала сомнително возило и од него слушнала автоматизирана аудио порака дека следува експлозија.

Сѐ уште не е познато, барем за јавноста, каков експлозив е користен и дали имало некој во камперот, но истрагата во петокот соопшти дека верува дека во близина на местото нашла човечки останки.

Безбедносните служби не знаат ниту кој бил мотивот за овој акт, но објавија дека е очигледно оти бил намерен и планиран. На мистериозноста на случајот се придодава и она што му претходело, звуците од истрели, а потоа и дигитално генерираниот женски глас кој од возилот го одбројувало времето до експлозијата и предупредувало на евакуација.

„Евакуирајте се веднаш, тука има бомба. Бомбата во ова возило ќе експлодира“, зборувал женски глас преку звучник.

Полициската патрола од шест полицајции започнала со евакуација на блиските згради и куќи, и повикала пиротехничари, но тие пристигнале дури по експлозијата. Полицијата подоцна објави фотографија од уништеното возило, како и снимка до пред детонацијата, и според нивните информации тоа пристигнало на местото четири часа пред експлозијата.

Детонацијата била толку моќна што била почувствувана на оддалеченост од неколку километри, уништила многу паркирани возила и тешко оштетила фасади на околните висококатници, а од искорнати биле и многу дрвја.

Штетата во филијалата на телекомуникациската компанија „AT&Т“ предизвикала и нарушување на телефонските и интернет услугите во централно Тенеси и во делово од соседните сојузни држави.

Според досегашните официјални информации, три лица завршиле во болница, но со полесни повреди.

Началникот на нешвилската полиција, Џон Дрејк, рече дека властите пред експлозијата не добиле никакви закани. Инцидентот се случил две улици подалеки од „Лоуер Бродвеј“, квартот во кој се наоѓаат некои од најпознатите концертни сали во кои се изведува кантри музика, но бе биле оштетени.

„Потресно е тоа што се случи и толку близу во Нешвил, и тоа на Божик, но сфаќаме дека Америка во моментов е во многу бурен период“, изјави кантри пејачог Џон Рич, сопственик на клоб во близина на местото на експлозијата.