625 пациенти се лекуваат на инфективните одделенија

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 625 и има околу 440 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 10 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 248 лица сомнителни и потврдени за ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало еден прием. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало пет нови приеми на пациенти и четири на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не биле примени пациенти. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 7 оздравени пациенти.

На Кожната клиника во ковид центарот моментно се лекуваат 21 пациенти, на Клиниката за неврологија 12 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 25 пациенти со симтоми на корона вирусот. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 76 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 88 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 25 пациенти. На ГАК една хоспитализирана ковид позитивна пациентка.

– Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 100 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка – наведува Министерството за здравство.

Како што информираат, во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 377 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 23 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 33 пациенти. На  инфективното одделение во Тетово има 14 пациенти, во Велес се лекуваат 28 болни, а во Куманово 48 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 53 пациенти, во Прилеп 54, во ковид центарот во Гостивар 8, а во Струга 21 болен. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 28 пациенти, во Кочани 5, во Кичево 8, Кавадарци 31, во Гевгелија 4 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на корона вирусот.