![irina verestuk](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/04/irina-verestuk.jpg?resize=696%2C422&ssl=1)
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук побара Русија да дозволи итен хуманитарен коридор за евакуација на цивилите кои се засолнети во фабриката за челик во Мариупол.
Како што пренесе Би-Би-Си, Верешчук ова го изјави откако рускиот претседател Владимир Путин ги откажа плановите за упад во фабриката Азовстал.
– Таму има околу 1.000 цивили и 500 ранети војници. Сите тие треба да бидат извлечени од Азовстал денеска, напиша Верешчук на социјалните мрежи.
Командант на морнарицата во фабриката вчера испратил порака до Би-Би-Си дека повредените војници заробени таму „гнијат“, без лекови и други потребни материјали.
Тој повика неговите луѓе да бидат евакуирани во трета земја.