ВМРО-ДПМНЕ: Заеви добиле половина милион евра од Општина Струмица

Таткото и чичкото на Зоран Заев од Општина Струмица и нејзините институции добиле пола милион евра, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Зоран Заев и општинските инситуции кои што се под негова директна надлежност, со склучувањето на 8-те договори за јавни набавки во ЈОУГД ‘Детска Радост’ и Општина Струмица, доделиле вкупно 30.564.291 денари на фирмата Зови Промет ДОО. Замислете, фирмата Зови Промет ДОО, добила околу 500 илјади евра само за набавка на прехрамбени производи, средства за хигиена и новогодишни пакетчиња. Како да не постоеле други фирми во Струмица или пак во Македонија, која што можела да ги врши овие набавки, па морало тоа да се направи преку фирмата на таткото и чичкото на Зоран Заев“, рече Борче Стамов од ВМРО-ДПМНЕ, кој истакна дека тоа е срамно и политички неморално.

Поради ова СДСМ и Зоран Заев, како што рече тој, со месеци се обидуваат да го прикријат фактот дека во Општина Струмица е создаден систем за испумпување на пари во кои се вклучени фирмите на најблиските роднини на Зоран Заев.

„Затоа тие се обидуваат преку невистини и манипулации да го одвлечат вниманието на јавноста од овој класичен пример на непотизам и судир на интереси кој што владее во Општина Струмица. ВМРО-ДПМНЕ, уште еднаш го повикува Зоран Заев да излезе и јавно да ја објави целосната постапка и тендерската документација за овие јавни набавки кои ги добила фирмата Зови Промет ДОО. Зоран Заев треба да престане да се крие зад празни партиски прес конференции и соопштенија и конечно да објасни пред јавноста, како е возможно во општината во која што тој е градоначалник, тендери да добива фирмата на неговиот татко и чичко“, појасни тој.

Очигледно, како што најгласи тој, ова е осмислениот систем кој Зоран Заев го создал низ годините наназад. Систем создаден само за лично и семејно богатење и испумпување на народни пари од општината.