Нов дневен весник на нашиов медиумски пазар. Играчите стари и се’ ми се чини дека што се вика веќе се издишани, но тоа е што е.
Отворањето на нов дневен весник секако треба да се поздрави, бидејќи секој нов медиум треба да донесе свежина.
Но, во случајов играчите, поточно нивниот предводник е докажан мајстор за пропаст. Бранко Героски е веќе добро познат по дузина пропаднати медиуми. Ама како и да е, сеуште си наоѓа финасиери.
Додека има овци ќе има и волна.
Е сега работава веќе е тргната. Претходните медиуми кои Героски ги раководеше, крахираа на пазарот. Токму тие медиуми се покажаа како недоволно добри да заработат пари за сопствено опстојување.
Тоа не е филозофија. Ако имате медиум кој одредена целна група го чита, слуша, гледа…односно имате публика, значи имате основ да почнете да заработувате. Ако не ништо. Клучот на врата.
Но, кога станува збор за Бранко Героски, единствен медиум, кој тој го стартуваше, со уште двајца партнери, а во кој вложи сопствени финансиски средства и беше успешен на пазарот е весникот Дневник. Ама тоа беше пред десетина години. Се’ потоа беа проекти финансирани од друго лице или правен субјект. Значи играње играчки со туѓи пари. Нема замарање со пазарните работи. Чисто со занатскиот, поточно новинарскиот дел и тоа за пропаганда, зависно само до која политичка опција е близок во одреден момент Героски.
И името симболично – „Слободен печат“. Демек Героски досега беше во некој заробен медиум, не смееше да работи слободно, туку партизански во илегала и голорак, сирот тој.
Само неколку стотици илјади евра добиени од институтот „Отворено општество“, за неговиот интернет медиум, регистриран како здружение на граѓани, а не како фирма. Поточно Здружение на граѓани за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување ЧЛЕН 16.
Само тоа во рацете ништо друго.
Е тој Героски сега по кој знае кој пат ќе ја манипулира јавноста со своето (не)зависно и „објективно“ новинарство. Уште на самиот старт со името на својот нов весник си го подготвува теренот.
Своевремено, пред нешто повеќе од десетина години, додека работев како новинар во Дневник, Бранко Героски ми беше шеф. Беше главен и одговорен уредник. Имав една мошне интересна случка со него. Еден мој телефонски разговор со тогашниот портпарол на МВР, Стево Пендаровски, бил снимен. Разговорот беше службен, но на крајот заврши со шеги на сметка на Героски. Следниот ден Героски ме повика кај директорот во канцеларија. Беше тој, тогашниот директор Александар Дамовски и јас. Ми го изрецитира цел мој разговор со Пендаровски од А до Ш и ми кажа дека се е снимено. Сакаше да ме брка од работа, само затоа што сум кажал шега на сметка на мојот шеф.
Е токму тој Героски сега кажува прикаски за мали деца за одбрана на слободата на говорот.
Каква иронија.
Дури и неговиот табор повеќе не му верува во тие прикаски. И со дел од нив се фати за гуша и се препукуваат на секој можен начин, и тоа на најниско ниво.
Како и да е.
Дел од неговиот тим, ќе бидат и мои драги колеги и пријатели. Им посакувам се’ најдобро, но сепак нека имаат одредена доза на резерва, будно око и трезвена глава, бидејќи Бранко Героски е првиот човек.