Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот организира „Денови на македонскиот туризам” во Србија. Пред тур оператори и претставници на медиумите вечер во Ниш ќе се афирмира почнатата туристичка сезона и ќе се претстави туристичкиот производ од Македонија. Целта е зголемување на бројот на српски туристи кои традиционално секоја година ја посетуваат Македонија.
Настанот ќе биде збогатен со дегустација на македонска храна, вино и музика и пригодна наградна игра во која најсреќните ќе добијат автентични производи од Македонија: охридски бисери, филигран со македонски рубин и викенд во Охрид за двајца.
Според Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на РМ, успешните промотивни активности на туристичкиот пазар во Србија позитивно се одразиле на зголемување на број на туристи од оваа земја кој во последните неколку години изнесува повеќе од 12 проценти.
– Неколку години по ред се реализира медиумска кампања која се покажа како успешна и продолжуваме со исто темпо и оваа година. Уште една новина во делот на промоција е преводот на веб страната “Macedonia-timeless” на 9 јазици вклучително и српскиот, со цел туристичкиот производ од Македонија да стане подостапен за потенцијалните туристи, соопшти АППТРМ.
Со оглед дека бројот на туристи од година во година расте, се вели во соопштението, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот ќе продолжи и понатаму да ја дава потребната поддршка на странски тур оператори преку доделување субвенции за странски туристички промет во државата.