На неколку часа до официјалниот старт на дерби натпреварот помеѓу директните ривали за шампионската титула во англиската Премиер лига, Манчестер Сити и Челзи, контроверзниот менаџер на “сините”, Жозе Мурињо додатно ја загреа атмосферата со изјавата дека Челзи не може да му конкурира на Сити кога е во прашање буџетот кој е наменет за купување нови фудбалери.
„Во моето време, Челзи беше обвинет дека со пари ги купува шампионските титули. Сите ја знаеме причината за таквите коментари. Роман Абрамович само што се пресели во Англија. Сепак, истите тие луѓе можеби сега имаат различно размислување кога е во прашање Манчестер Сити. Мене не ми е важно дали Челзи веднаш ја освои шампионската титула, а на Сити му беа потребни шест години за да го освои шампионскиот трофеј. Не се замарам и со тоа дека Сити има специјална заштита. На сите ни е јасно дека луѓето најчесто ги мразат тимовите кои се успешни. Од финансиска гледна точка, ние не можеме да се натпреваруваме со Сити. Во минатото немаше Финансиски Фер-Плеј, Немаше правила ако клубот е богат и ако има богат сопственик. Сега се е сменето”, изјави трофејниот португалски стручњак.