Пратеничката Светлана Карапетрова по завршувањето на вонредната седница на Владата околу ситуацијата во тетовско, се огласи на својот ФБ профил наведувајќи дека е зачудена што на терен не ги видела ниту Замир Мехмети, ниту пак неговата сестра Ермира Мехмети.
Предмалку заврши вонредната Седница на владата на Р. Македонија за вчерашните настани во тетовскиот Регион. Заедно со претседателот на владата на Р. Македонија Никола Груевски, подпретседателот Владимир Пешевски и министрите за Одбрана и Внатрешни работи се упативме кон настраданото население во Голема Речица, хоспитализираните настрадани во Клиничкиот Центар во Тетово и настраданото население во Шипковица, напиша на својот ФБ профил пратеничката Светлана Карапетрова.
-Зачудена сум од реакцијата на Замир Мехмети. Очигледно со голем интерес ги следи настаните од дома. Зачудена сум што ниту него, ниту неговата сестра Ермира Мехмети не ги сретнав на терен. Замир Мехмети беше член на Совет за Радиодифузија, а сега кога веќе не е, го користи овој трагичен настан да го изрази своето незадоволство за реизбор, напиша Карапетрова.
Ургентниот штаб формиран од страна на општина Тетово, претставниците на Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на РМ, Секторот за внатрешни работи –Тетово и претставници од локалните заедници погодени од поплавите, денеска инфрмираа за фактичката состојба во најкритичните погодени точки од поплавите.
Според изготвениот извештај селото Шипковица е најпогодено место од силните врнежи кои доведоа до поплави. До сега Ургентниот штаб во Тетово констатирал три смртни случаи, додека едно лице се уште се води за исчезнато бидејќи телото не е пронајдено. Тринаесет граѓани се повредени, 113 лица се евакуирани од 20 куќи кои се целосно уништени, а скоро сите куќи во селото имаат претрпено големи материјални штети . Во селото поради големи дефекти во системот за електродистрибуција и водоснабдување има недостаток од струја и вода. Брзата помош е позиционирана во ова село и ќе биде во служба 24 часа. Главен проблем претставува неможноста да се работи со тешка механизација, а армијата и Дирекцијата за заштита и спасување од раните утрински часови го бараат исчезнатото девојче. Исто така има потреба за чистење на шахтите за вода и канализација.
Блокирани улици, оштетени куќи и возила во Голема и Мала Речица
Во селата Голема и Мала Речица според податоците од терен, од вчерашните поплави едно лице го изгуби животот. Оштетени се 140 куќи, 50 коли, 80 трактори и 5 шлепери. Иако главната улица е исчистена, четири улици се уште се блокирани. Поради голем дефект во системот за водоснабдување во населбата Голема Речица има недостаток од вода. Екипите од ЕВН ги санираат дефектите на системот за електрична енергија и од овој аспект ситуацијата е задоволувачка. Во моментот се работи на чистење на улиците и речното корито кои се преплавени од камења, дрвја и отпадоци од вчерашните поплави.
Во селото Порој се работи интензивно и до утре регионалниот пат Тетово-Јажинце ќе биде отворен.
Во раните утрински часови интензивно се работеше за деблокирање на селските улици и чистење на теренот од дрвјата, камењата и отпадоците од вчерашните поплави. Исто така се информира за оштетување на системот за водоснабдување и во селото има недостаток на вода која сега за сега ќе биде обезбедена преку цистерни со вода.
Патот кон Бањиче е непрооден од горниот дел поради оштетувања, според последните информации 21 возило е блокирано во горниот дел од патот, а луѓето се евакуирани и се надвор од опасност.
Саниран Клиничкиот центар –Тетово
Во урбаниот дел на Тетово Територијалната противпожарна единица , ЈКП-Тетово и Дирекцијата за заштита и спасување интервенираа на неколку критични населби како што се блок 70 и Деревој, каде што од подрумите на куќите и становите е извадена водата. Исто така е интервенирано и е санирана состојбата во Клиничкиот центар –Тетово каде е исчистен просторот кој беше опфатен од поплавата, но главен проблем за екипите во терен останува недостатокот од механизација за чистење на улиците, дворовите и речните корита.
Општина Тетово апелира до граѓаните на погодените подрачја од поплавите да не ја употребуваат водата за пиење од водоснабдителниот систем до потврдување на микробиолошките анализи од соодветните органи. Исто така ги повикаме граѓаните да помогнат во оваа тешка ситуација на тие на кои им е потребна помош односно на семејставата кои ги изгубија своите сакани и на евакуираните лица. Ваквите ситуации бараат ангажираност од сите нас со цел да се врати во нормала нашата општина. Сите тие што сакаат да помагаат било преку донација на храна, вода, лекови и хигиенски препарати или да волонтираат во процесот на чистење на улиците, дворовите и речните корита во критичните зони оштетени од вчерашните поплави може да се јават на телефонскиот број 076 330 113 , електронската пошта [email protected] или да дојдат директно во зградата на општина Тетово, велат од општината.
Поврзани вести:
Утре и задутре во Тетово се прогласени за денови на жалост. Оваа одлука денеска на вонредна седница ја донесе Советот на Општина Тетово. Исто така, одлучено е општината на загрозените семејства да им даде финансиска помош.