И за дуелот Работнички – Рубин билетите ќе чинат 200 денари

Раководството повторно одлучи билетите да чинат 200 денари

Раководството на ФК Работнички донесе одлука билетите за натпреварот против Рубин Казан, кој ќе се игра во рамките на четвртото квалификациско коло од Лигата на Европа, да се продаваат по цена од 200 денари.

Иако се работи за плеј-оф преку кој фудбалерите од Дебар Маало имаат историска шанса да се пласираат во групите од најмасовното фудбалско натпреварување, водечките луѓе од клубот одлучија цените на билетите да останат идентични како и на претходните натпревари од Лига Европа, поради што очекуваат масовна посетеност и голема поддршка за фудбалерите.

Натпреварот меѓу Работнички и Рубин ќе се игра на 20 август (четврток) со почеток во 21 часот, а билетите покрај преку продажната мрежа на МК тикетс (од 14 август), на три дена пред почетокот на натпреварот ќе почнат да се продаваат и на билетарата пред Националната Арена “Филип втори”.