Проектот „Македонија вработува“ вработи 4.670 лица. За ова денес информираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој одговорајќи на новинарско прашање истакна дека заклучно со денес преку проектот „Македонија вработува“ се вработени вкупно 4.670 лица. На ниво на општина Куманово проектот „Македонија вработува“ вработи вкупно 230 лица и дека се очекува и понатаму да се продолжи со зголемување на бројот на новоотворени работни места преку користење на поволностите кои што ги нуди проектот Македонија вработува, пред се за приватниот сектор.
Секоја приватна компанија која што сака да отвори ново работно место, која што сака да вработи ново лице користејќи ги овие поволности може да добие ослободување до 2.000 евра годишно за плаќање на социјални придонеси што би значело и големо ослободување од 3 до 5 години колку што и траат и поволностите од проектот „Македонија вработува“, рече Спасов.
Субвенции за електрична енергија
Покрај тоа што говореше за проектот „Македонија вработува“, Спасов се осврна и на субвенциите за потрошувачка на електрична енергија.
На новинарско прашање во делот на субвенцијата за потрошувачка на електрична енергија, Спасов истакна дека согласно програмата на Владата на Република Македонија и ветувањата кои што се дадени пред граѓаните веќе се реализира ова зголемување односно за оваа година беше предвидено од 700 денари месечно субвенцијата за потрошувачка на електрична енергија да се зголеми на 800 денари.
Тоа е веќе направено и сите оние приматели на социјална парична помош кои што се во потешка материјална состојба кои што ќе ги приложат сметките од струја во центрите за социјална работа од минатиот месец ќе им бидат рефундирани повеќе средства за надомесување на потрошувачката на електрична енергија, рече Спасов.