Во иднина, поради сомнителниот начин на избор на речиси третина од националните тимови, одговорноста ќе биде поделена па во иднина секој список со играчи ќе мора да биде потпишан односно изгласан со концензус на спортскиот директор Заре Марковски, координаторите за машка и женска кошарка, Душко Боцевски и Стојна Вангеловска и на селекторот на одредената возрасна категорија.
Првиот чекор е да се реновира Стручниот совет, кој ќе има пет члена во кој ќе има посебни комисии заедно со координаторите Душан Боцевски и Стојна Вангеловска. Списоците ќе се прават на централизиран начин, во рамки на тричлени комисии заедно со спортскиот директор и со селекторот. Причина за ова е увидувањето дека 30-отсто од репрезентативците се инфилтрирани во селекциите од поинакви од спортски причини, изјави Марковски на денешната прес-конференција.
Најодговорниот за спортската работа на Куќата на кошарка смета дека тренерската фела не е целосно одговорна за катастрофалните резултати на младинските селекции, каде што, според него, сме на самото дно од второлигашката конкуренција.
Претенциозно е да се фрла вина само врз тренерите, бидејќи и тие се жртва на организацијата и на системот на натпреварување и едукација. Стручните штабови на актуелните селекции не се отпуштени туку се распуштени, а можеби некој од нив ќе се најде во нашите идни планови. Нам ни треба плод од некој систем кој дополнително треба да се постави, поради што не може да дадам временски рамки за некаков излез од кризата и исчекор напред. Проблемите се од широка лепеза и не е едноставно да се решат во кус период. Репрезентациите освен со Бугарија нема други партнери за контролни средби. Развојот на младинската кошарка е многу поважен сегмент во однос на сениорската селекција. Згора на тоа, системот за натпреварување, бидејќи во претходните години можеше да се видат екипи со огромна негатива, што говори дека не е адекватно класифициран квалитетот, дополни Марковски.
На прес-конференцијата беше присутна и легендарната Вангеловска, која искажа задоволство од настапот на кадетската селекција на второлигашкото ЕП во Охрид и во Струга.
Задоволна сум од остварувањето на кадетките на првенството во Охрид и Струга, каде што бевме во силна прелиминарна група, а трите победи по ред на крајот ни дава дополнителен мотив и нам и на клубовите за да работиме повредно и понапорно. Оптимист сум и верувам дека во иднина ќе може да очекуваме подобри резултати, вели Вангеловска.