Ракетата со комерцијалните сателити ќе биде истрелана од јужната вселенска станица во Срихарикоти, соопшти денеска Индиската организација за вселенски истражувања (ИСРО), пренесоа француските медиуми.
Поларно сателитско лансирно возило ќе го носи главниот сателит за набљудување на Земјата, што е тежок 714 килограми, и 103 помали „нано сателити“ што заедно се тешки 664 килограми.
Речиси сите нано сателити потекнуваат од други земји, меѓу кои се Израел, Казахстан, Холандија, Швајцарија, Обединети Арапски Емирати, а 96 се од САД, се наведува во сооопштението на Агенцијата.
Интересот за лансирање комерцијални сателити во вселената е се поголем со оглед на фактот дека телекомуникациските, интернетските и другите компании, како и многуте земји, тежнеат кон подобри технолошки понапредни комуникации.
Индија се натпреварува со другите меѓународни играчи за поголем удел на пазарот за лансирања ракети, а позната е по финансиски поволната вселенска програма, наведуваат француските медиуми.
Индија, минатиот јуни, постави национален рекорд откако успешно лансира ракета со 20 сателити, вклучувајќи и 13 од САД.
Исто така, во орбитата на Марс во 2013 година испрати ракета без екипаж, трошејќи само 73 милиони долари, додека мисијата на НАСА на Марс чинеше 671 милиони долари.
ИСРО ја разгледува и можноста од испраќање мисии на Јупитер и Венера.