Не е законски престанокот на работниот однос на јавниот обвинител Марко Зврлевски, изјави за телевизијата Алфа претседателот на Антикорупциската комисија, Игор Тантуровски, зборувајќи за тоа дали во период на подготовката за изборен виклус, како во конкретниот за локалните кои се закажани за 15 октовмри, може да се вработува или разрешува лице во државните и јавни институции.
Антикорупционерите едногласно заклучиле дека Зврлевски не треба да се менува во време кога се распишани избори, оти тоа е кршење на Изборниот законик.
„Го предадовме мислењето на Комисијата во Собрание вчера, по завршувањето на седницата на комисијата, и тоа е едногласно. Идентично е како што Комисијата и досега се изјаснувала во слични ситуации. Не можеме да се согласиме со смена на Зврлевски кога членот 8 од Изборниот законик е јасен, и нема никакви други измени на истиот“, рече Тантуровски за Алфа.
Членовите на Антикорупциската комисија се изјаснуваат една седмица откако ВМРО-ДПМНЕ побара од нив да дадат толкување за примена на членот 8, според кој во време на распишани избори се забрануваат постапки за вработување на нови лица или престанок на работен однос на државни функционери.
Опозициската партија побара да се стопира расправата за разрешување на Зврлевски, додека комисијата не се изјасни.