Ново судење за случајот „Труст“

Ново судско рочиште треба да се одржи денеска во скопскиот Киривчен суд за случајот на СЈО „Труст“, во кое обвинет е сопственикот на фирмата „Трансмет“, Сеат Кочан.

Претходното рочиште на 7 ноември беше одложено по забелешката на одбраната на обвинетиот Кочан дека обвинетите примиле само обвиненија, но не и листата на докази што ги предлага СЈО. Обвинителот на СЈО Гаврил Бубевски тогаш изјави дека тие до судот ги доставиле доказите во доволен број примероци и оти според процедурата судот е должен на одбраната да ги предаде листите со докази покрај обвиненијата.

Кочан заедно со Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ се обвинети дека ја злоупотребиле постапката за јавен повик, за доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Станува збор за тендерот што во 2011 година го распиша државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола. Според обвинението на СЈО, доставени биле фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност. На тендерот на АД Елем, во 2011 година за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола за потребите на РЕК „Битола“, учествувале три фирми, задружени во конзорциум. Тое го добиле тендерот на ЕЛЕМ, вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра.

Во „Труст“ се обвинети и три правни лица: „Транс Mет“ од Скопје,, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани. Oбвинетите доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.

Овој предмет на СЈО е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два не се објавени во јавноста (од 3.8.2011 и 6.10.2011 година).