Грчката министерка за административна реконструкција смета дека преговорите меѓу Македонија и Грција се наоѓаат во идеален моментум, наспроти тврдењата на лидерот на опозициската Нова демократија дека во овој момент нема околности за решение, а дневниот весника То Вима во анализата оценува дека преговорите меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји се одвиваат „чекор по чекор“.
Олга Геровасили, во интервју за грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ, вели дека грчката влада ги користи создадените услови, јавува дописникот на МИА од Атина.
„Во овој момент, преговорите се во тек под покровителство на Обединетите нации. Се прават значителни напори и од двете страни. И покрај она што го кажува Мицотакис, моментумот е идеален. И ја користиме оваа ситуација, како што би направила секоја одговорна влада, покажувајќи разумност, преговарачки способност, а имајќи ја како единствен водечки критериум, одбраната на нашите национални интереси, вели Геровасили.
Ги повторува грчките позиции за сложено име, ерга омнес и објасни дека ако не се постигне конечно решение, тогаш ќе се случи она што ги плашело оние кои излегле на протестите во Грција.
„Денес над сто земји ПЈРМ ја имаат признаено како ‘Македонија’. Сакаме ова да остане вака? Нѐ интересира да се реши името, што е катализатор за целосна нормализација на билатералните односи? Или сакаме прашањето да се влече уште дваесет години, како што предложи господинот Мицотакис?“, прашува грчката министерка во интервјуто“, упатувајќи критики до опозициската Нова демократија.
Постојат точки на поклопување на мислењата, но и позитивна клима по средбата во Виена, а клуч за конечен договор останува комбинацијата од постепена примена на ерга омнес со промена на Уставот, пишува весникот ‘То Вима’ во анализата за маратонските разговори на Никола Димитров и Никос Коѕијас.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, новинарот коментира дека веќе треба да се смета за сигурно забрзувањето на разговорите, но и променетиот состав на инволвираните страни, бидејќи од ниво на преговарачи, преговорите сега се водат на ниво на министри за надворешни работи.
„Во јадрото на разговорите се наоѓа Меѓународниот договор што ќе ја замени Времената спогодба од 1995-та и ќе стане основен столб на идните односи меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија. Од оваа гледна точка, името што на крај ќе се одбере не е самото посебе ‘големиот трн’, барем за Атина“, пишува То Вима.
Во однос на името, повикувајќи се на изјавите на македонскиот премиер, новинарот анализира дека предлозите на Нимиц што се со временска одредница веќе не се на преговарачката маса. По ‘Република Македонија (Скопје)’, што беше отфрлено од грчката страна, сега се чини дека и ‘Република Нова Македонија’, според То Вима, е името за кое не се разговара.
„Клучна точка останува комбинацијата на постепена примена на ерга омнес со промените во скопскиот Устав, што ги бара грчката страна. Не е јасно колкав напредок е постигнат во оваа точка, но од постоечките информации, Атина не е негативно настроена во однос на тоа да му даде ‘грејс период’ на Скопје за да го смени името за внатрешна употреба. Нормално, ќе треба да се договори точната формула според која ова ќе се направи, но и временскиот периодот (на пр. една година)“, пишува весникот во анализата.
Новинарот во анализата коментира дека според јавните изјави, македонската страна смета дека јазикот и идентитетот се прашањата за кои не може да се преговара.