Имињата во нацрт-спогодбата се на македонски, без превод и слеано во еден збор

Атина преферира новото име да биде на македонски јазик, непреведено и напишано слеано во еден збор, објавува весникот Та неа во денешната анализата од понеделникот посветена на нацрт спогодбата што Грција ќе ѝ ја достави на Македонија.

Документот изготвен на 20 страници, според весникот, шефот на дипломатијата Никос Коѕијас на премиерот Алесксис Ципрас му го доставил минатиот вторник пред патувањето на грчкиот премиер за Брисел за да може главните точки да им ги претстави и на германската канцеларка Ангела Меркел и на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој инаку во неделата својата турнеја по шесте земји од Западен Балкан ја започна токму од македонската престолнина.

Во грчката нацрт-спогодба се содржани четири од петте имиња од почетниот пакет идеи на медијаторот на ОН, Метју Нимиц, бидејќи предлогот „Република Македонија – Скопје“ веќе бил отфрлен уште на средбата на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев во Давос.

„Се чини дека Атина преферира новото и постојано име да е напишано на словенски, да биде непреведено, но и еден збор (на пр. Горнамакедонија или Новамакедонија). Клучно за Атина е прашањето за промената на Уставот на Скопје“, пишува Та неа во денешното издание и коментира дека Атина бара да има промена на денешното уставно име.

Грција сака и правни гаранции дека некоја идна влада во Скопје нема да се стреми кон промена на Уставот, но и предлага, ратификацијата на договорот во грчкиот парламент да биде по референдумот кој би се одржал во Македонија.

Според досегашните изјави на шефот на грчката дипломатија, предлогот од грчка страна ќе содржи седум точки и ќе се однесува, освен на името и на сите други теми и прашања поврзани со името.

Како што во саботата објави МИА, Никос Коѕијас, говорејќи за првата програма на грчкото државно радио, рече дека нацрт спогодбата веројатно прво ќе биде испратена до Македонија, а потоа тој ќе допатува во Скопје.