Италија ги затвори пристаништата за брод со имигранти

Италија ќе одбие да дозволи брод на хуманитарна организација со повеќе од 600 имигранти да влезе во некое нејзино пристаниште и побара од Малта да ги отвори своите за бродот, соопшти во неделата владата во Рим.

Малта, пак, го одби барањето велејќи дека нема ништо со операцијата на спасување, отворајќи пат за дипломатски спор за двете земји членки на Европската унија.

Потегот на новиот италијански министер за внатрешни работи, Матео Салвини, кој е челник на десната партија Лига, претставува прв потег во остварувањето на изборното ветување дека ќе го запре приливот на нелегални имигранти во земјата.

„Малта не прима никого. Франција ги тера луѓето од границите, Шпанија ја брани својата граница со оружје… Од денеска Италија, исто така, ќе ѝ каже не на трговијата со луѓе, не за илегалната имиграција“, напиша Салвини на Facebook.

Повеќе од 600.000 имигранти влегоа во Италија со брод од Африка во последните пет години. Бројките драматично паднаа последните месеци, но последните денови порасна бројот на операциите на спасување на море, поставувајќи го Салвини на првиот испит како министер.

„Мојата цел е да гарантирам мирен живот за овие млади во Африка и за нашите деца во Италија“, порача Салвини употребувајќи го на Twitter хаштагот „Ќе ги затвориме пристаништата“.

Европската хуманитарна организација „SOS Mediterranee“ објави на социјалните мрежи во неделата дека нејзиниот спасувачки брод „Aquarius“ примил 629 имигранти, меѓу кои 123 млади без придружба од родител, 11 други деца и седум бремени жени. Организацијата соопшти дека групата главно субсахарски Африканци е собрана во шест различни спасувачки операции во близина на брегот на Либија вклучително и стотина кои ги извадила од морето италијанската морнарица и ги префрлила на бродот.

„Бродот сега е насочен на север кон сигурно пристаниште“, објави во неделата на Twitter „SOS Mediterranee“ без да ја наведе крајната дестинација иако практично секој таков брод со имигранти во текот на последните пет години завршил во Италија.

Неговата рута кон северот ќе го води покрај Малта, а неименуван италијански функционер за медиумите изјавил дека Салвини ѝ пишал на владата на оваа островска членка на ЕУ барајќи да дозволи впловување на бродот. Малта одговорила дека операцијата на спасување се случила во меѓународните води кај Либија и дека ја координирала Италија.

„Малта ниту е надлежна, ниту е координирачка власт во овој случај. Малта ќе ги почитува владејачките закони“, соопшти нејзината влада во кусото соопштение.

Бродовите на хуманитарните организации кои оперираат крај либискиот брег имаат важна улога за собирање на имигрантите кои се упатуваат на отворено море често со дотраени бродови и гумени чамци. Салвини ги обвини хуманитарните организации дека играат улога на „такси служба“ за имигрантите до Италија, Во петокот го повика и НАТО да ѝ помогне на Италија во одбраната на нејзините јужни брегови од напливот на илегалните имигранти и криумчарите со луѓе.