-0.2 C
Skopje
четврток, ноември 28, 2024

Од Македонија се бара историски преседан, да се одрече од својот идентитет

Маријана Петир, европратеничката од Хрватска која ја бранеше Македонија, акоја е  исклучена од групата Eвропски пријатели на Македонија,по барање на македонската Влада денес на својот Фејсбук профил објави видео порака упатена до Македонците.

Петир меѓу другото посочува дека секогаш ја воодушевувала одлучноста и храброста на македонскиот народ во борбата за зачувување на националниот идентитет. Европратеничката додава дека единствено народот и неговиот глас може да одлучува за иднината на Македонија.

-Драги млади Македонци и Македонки, граѓани на Македонија. Верувам дека знаете дека Република Македонија посебно ми е во срцето. Македонија ја сакам не затоа што е земја на исклучителна историја, култура и традиција, или пак земја која е богата со природни убавини, Македонија ја сакам бидејќи е земја на срдечни луѓе. Секогаш ме воодушевуваше вашата храброст и одлучност во борбата за зачувување на националниот идентитет, како и културата на вашата земја и народ. Знам дека токму таа љубов кон сопствената земја со години ве водеше во тешки борби со кои бевте соочени. Следејќи ја вашата борба и неправдата која со години ви е нанесувана, не можев да останам настрана, бидејќи длабоко верувам дека граѓаните на Македонија заслужуваат почитување и правда, заслужуваат да бидат полноправни граѓани и граѓанки на Европската Унија и во европското семејство да го донесат целиот свој идентитет, посочува Петир во својата видео порака.

Таа нагласува дека денес сме соочени со посебен предизивик, кој можеби е посилен од сите претходни, и овој момент, вели Петир, е пресуден за македонската историја и кој ќе одлучи за македонската иднина.

Европратеничката нагласува дека македонската сегашност и иднина зависат од нејзиниот народ.

-Во суверенитетот на Република Македонија никој нема право да задира насилно. Народот има право да го избере својот пат, а власта која произлегува од народот, мора да биде одговорна пред истиот. Народот е тој кој треба да донесе конечна одлука за својата иднина. Вие сте единствените кои на тоа имате право, не дозволувајте вашиот глас да не се слушне или некој да го задуши. Од Македонија се бара историски преседан, да се одрече од својот идентитет, а за идентитетот не може да се преговара, бидејќи тој нè прави тоа што сме. На вашиот идентитет е основано вашето минато, изградена е вашата држава и тој е темел на вашата сегашност и иднина. Вашиот идентитет е она што вас Македонците ве прави горди граѓани на Македонија. Идентитетот ве разликува од сите останати народи во Европа и ви дава посебност. Длабоко верувам дека иднината на Македонија е во нејзиниот народ. Мило ми е што гледам дека сте проактивни, дека се борите и дека сакате промени. Верувам во вас и во иднината на Македонија, ја завршува својата видео порака Петир.