Запленети 5 мотори, казнети 27 моторџии

Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Скопје и Полициското одделение за сообраќајно ескортно обезбедување вчера повторно спроведе акција за спречување на организирање и учество во диви трки на моторциклисти.

Контролата по скопските булевари била извршена во периодот од 20 часот вчера до 1.30 часот денеска. Полицијата привремено задржала пет мотоцикли, поради постоење на сомнение дека во нив се вградени одделни системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема што се разликува од основно вградените издувни системи, согласно член 54 од Законот за возила, а против нивните сопственици ќе бидат преземени мерки по Законот за безбедност на патниот сообраќај и Закон за возила.

Покрај ова, а согласно законските норми, беа преземени вкупно 27 мерки за сторени сообраќајни прекршоци по разни основи.