Мрежата #Бојкотирам и Координативното тело против референдумот денеска во Скопје организираат прослава за Денот на независноста. Според организаторите, честитки за празникот и пораки против референдумот ќе упатат Џејсон Мико, македонски сенатор и голем пријател на Македонскиот народ од САД, Ефтим Клетников, претседател на Македонски манифест и Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес.
Мрежата #Бојкотирам од 17 до 18.30 часот кај „Школката“ во Градски парк организира прослава „Среќен роденден Македонијо- Протестирам за да не е последен!”, на кој ќе има музика, гратис #Бојкотирам маички и роденденска торта. Оттаму, прославата продолжува пред Собранието на Македонија.
Од 19 до 22 часот Координативното тело против референдумот, пред Собранието организира Семакедонски собир „8 септември Држава- 30 септември Геноцид-БОЈКОТИРАМ значи НЕ ГЛАСАМ”.
По интонирањето на Македонската национална химна и дефиле на државното и семакедонското знаме од плоштадот „Македонија” под Порта „Македонија” до платото пред Собранието ќе настапат КУД “Никола Јонков Вапцаров” со Тешкото, Копачка и ора од Егејскиот дел на Македонија и рап-групата “Пука Козметика”.
Инаку централната прослава по повод Денот на независноста ќе се одржи вечерва со забава на отворено во дворот на Владата. Најмладите со нивните семејства ќе се забавуваат со програмата што за нив ја подготвува Петко и 5+ Бенд. Најавено е обраќање на премиерот Зоран Заев.