Металург минимално поразен кај Бешикташ

Во крајно неизвесен резултатски меч, Металург загуби на гостувањето кај Бешикташ во рамки на осмото коло од ракометнаta Лига на шампиони со 23:22, со што скопските „металурзи“ го претпеа седмиот меч во групата Ц.

Неизвесно и со постојани резултатски пресврти течеше целиот меч во Истанбул, иако само на кратко во еден момент домаќините имаа три погодоци предност, па сепак на пауза се замина со реми резултат од 12:12.

Металург во вториот дел беше одличен во одбраната, но се чини дека реализацијата и некреативноста во нападот беа клучот за крајниот епилог. Победничкиот погодок беше дело на македонскиот натурализиран репрезентативец Немања Прибак кој беше прецизен за конечни 23:22 на 20 секунди до крајот. За Металург останаа 12 секунди да се избори за бод, но неговите играчи брзоплето ја испуштија оваа прилика.

Во редовите на Металурзите најпрецизни беа Анте Тоќиќ и Марко Танкоски со постигнати пет погодоци, додека кај противникот се издвои Рамазан Доне со постигнати девет погодоци.

Репрезентативецот на Македонија, Немања Прибак учествуваше со еден погодок во триумфот на Бешикташ.