(ВИДЕО) Вселенскиот брод на „Virgin Galactic“ успешно ја достигна границата на Космосот

Вселенскиот брод „Virgin Galactic“ полета во четвроткот од полигонот во калифорниската пустина Мохаве кон границите на Вселената, во мисија којашто го означува првиот американски лет со човечки екипаж надвор од атмосферата од крајот на шатл програмата во 2011 година.

Пробниот лет го навестува новиот период на вселенските патувања коишто би можеле да започнат веќе во 2019 година со натрпеварувањето на „Virgin Galactic“ на британскиот милијардер Ричард Брансон против другиот милијардер, основачот на Amazon.com, Џеф Безос и неговата компанија „Blue Origin“, околу тоа кој прв ќе ги понуди суборбиталните летови за туристите.

Леталото на „Virgin Galactic“ со патничкиот вселенски брод „SpaceShipTwo“ полета во 7 часот утрото во четвртокот по локално време од полигонот Мохаве, околу 150 километри северно од Лос Анџелес. Финансиерот Ричард Брансон беше еден од стотината набљудувачи на лансирањето.

Леталот на „Virgin Galactic“ го извлече „SpaceShipTwo“ на височина од 13,7 километри и го ослободи. Неколку секунди подоцна „SpaceShipTwo“ ги запали сопствените мотори кои го катапултираа на височина од најмалку 80,47 километри над Земјата, доволно високо за пилотите да ја доживеат бестежинската состојба и да ја видат заобленоста на планетата. Бродот со пилотите Марк Стики и Фредерик Струцкоум успешно слета на полигонот во калифорниската пустина Мохаве. Овој пробен лет е извршен четири години откако оригиналниот „SpaceShipTwo“ се урна во текот на пробниот лет, кога копилотот загина, а пилотот беше тешко повреден.

„Имаше предизвици, и да се стаса конечно до оваа точка кога сме барем во дострелот на вселенските височини претставува голем успех за нашиот тим“, изјави извршниот директор на „Virgin Galactic“, Џорџ Вајтсајд.

На пробниот лет покрај двата пилота беа понесени и истражувачката опрема на американската агенција за вселенски истражувања NASA и Ани којашто глумеше патник. Досега повеќе од 600 луѓе ги уплатиле депозитите за билети за идните вселенски летови на „Virgin Galactic“, меѓу кои и актерот Леонардо Ди Каприо и поп-ѕвездата Џастин Бибер. Летот кој трае 90 минмути чини 250.000 долари.

Летовите со ракетата „New Shepard“ на компанијата „Blue Origin“, пак, ќе чинат меѓу 200.000 и 300.000 долари. Оваа ракета веќе беше на работ од Вселената, на ткн Карманова граница меѓу атмосферата на Земјата и Вселената, но овој лет беше изведен без човечки екипаж.