Лион го доби дербито во судиското продолжение

Во едно од најголемите дербија на францускиот фудбал Олимпик Лион победи на гостувањето кај Сен Етјен со 2:1 во рамките од 21-то коло, а решавачкиот погодок беше постигнат во петтата минута од судиското продолжение.

Сен Етјен поведе во 22 минута со голот на Ромен Амума, израмни Набил Фекир во 65 минута од пенал, а победничкиот гол за Лион го постигна Муса Дембеле во петтата минута од продолжението. Мечот обилуваше со шанси пред двата гола, но голманите Стефан Руфие и Ентони Лопез беа расположени.

Сен Етјен со овој резултат ја прекина серијата од три последователни победи, сега е четврти со 36 бодови, а Лион ја впиша првата победа по три првенствени ремија и стаса до третата позиција на табелата со 37 бодови.

Олимпик Марсеј, исто така на гости, со 1:0 го совлада Каен, а голот го постигна Морган Сансон во 47 минута. Домашните од 51 минута играа со играч помалку, бидејќи беше исклучен Фредерик Гвилбер. Марсеј е на седмото место со 31 бод, а Каен со 18 бодови е 16-ти на табелата со дваесет екипи.

Со идентичен резултат Анжер го победи Нант, а мечот го реши Анхел Фулгини во четвртата минута од судиското продолжение. Анжер сега има 23 бода со кои е на 14-то место, додека Нант со ист број бодови падна место подолу.

И дуелот меѓу Бордо и Дижон заврши со еден погодок, кој за домашните го постигна Андреас Корнелиус во 77 минута. Гостите, кои сега се на 18-то место со 17 бодови, од 34 минута играа со играч помалку, поради директното исклучување на Ромен Амалфитано. Бордо дојде до 25 бодови, но со два натпревара помалку.

На табелата води актуелниот шампион ПСЖ со 53 бодови и два меча помалку, Лил е втор со 40 бодови. Последните две позициите кои водат во понизок ранг ги заземаат Монако со 15 и Гинган со 14 бодови, два односно три бода од местото кое гарантира опстанок.