Тигрица од Суматра, во Лондонската зоолошка градина, беше убиена од страна на потенцијалниот партнер на нивната прва средба, соопшти ДПА. Тигрицата Мелани му беше претставена на новодојдениот тигар Асим во петокот.
Средбата сепак кратко траеше, поради агресивноста на Асим. И покрај напорите на вработените да ги разделат, Мелани веќе беше мртва кога стигнаа до неа, соопштија од зоолошката. Асим беше донесен во Лондон од дански сафари-парк, во рамки на европска програма за размена. Вработените во Лондонската зоолошка градина „се потресени од загубата на Мелани и пресвртот на настаните”.
Кај големите мачки, запознавањето, колку и внимателно да е подготвено, секогаш е многу ризично, објаснија од зоолошката градина. Пред да бидат запознаени, тигрите биле држени во соседните објекти за да се навикнат еден на друг.
Експертите забележале позитивни знаци и одлучиле дека моментот е погоден за запознавање. Мелати имала 10 години. Таа родила седум тигри од претходниот партнер Џе-Џе, пред тој да биде преселен во Франција минатиот месец, додава Би-Би-Си.
Познавачите сега се загрижени за 7-годишниот Асим. Кога пристигнал, го опишувале како „убав и самоуверен мачо-тигар, кој бил премија за дамите“. Тигрите од Суматра се критично загрозени поради нелегалниот лов и се околу 300 во светот, а просечно живеат 20 години.