Германија го отфрла мешањето на САД во доделување концесија за градење 5G мобилна мрежа

Германскиот министер за надворешни работи Хејко Маас во среда остро го отфрли американското мешање во процесот на носење одлука околу доделувањето на концесијата за градење на мобилната мрежа од петтото поколение (5G) во Германија, откако Берлин претходно исто така ги отфрли заканите и противењата на Вашингтон на градењето на рускиот гасовод Северен тек 2 до Германија и создавањето фискален механизам со кој треба да се заобиколат американските санкции за Иран.

„Германија не може да биде уценета, без разлика на тоа за кого или за што станува збор“, порача Маас, кој доаѓа од Социјалдемократската партија на Германија (SPD) во разговорот со новинарите од медиумската куќа Ново берлинско редакциско друштво.

Маас со ова реагираше на неодамнешното писмо на американскиот амбасадор во Берлин, Ричард Гренел, упатено до германскиот министер за економија Петер Алтмејер, во кој Гренел се заканува со ускратување на размената на податоци на американските тајни служби со германските, доколку Германија дозволи во градењето на новата мобилна 5G мрежа учествуваат и кинески компании.

„Размената на податоците на тајните служби повеќе нема да може да биде спроведувана во досегашниот обем, доколку Германија му доволи на Huawei и на другите кинески компании да учествуваат во градењето на 5G мрежата“, му напишал Гренел на Алтмејер, пренесе американскиот весник The Wall Street Journal.

Маас вели дека германската влада веќе се седмици интензивно расправа за можноста за учество на кинеската телекомуникациска компанија „Huawei“ во јавното конкурирање за доделување на концесиите за градењето на 5G мобилната мрежа во Германија. Тендерот за овој проект започна во вторникот, а владата до објававањето на конечната одлука не соопштува кој се пријавил.

„Кога станува збор за ваквата инфрасруктура којашто ќе влијае на многу сегменти од нашето секојдневние, безбедносно-политичките аспекти се многу важни и тука не смееме да правиме никакви компромиси.. Не ни е потребен совет, без оглед на тоа од каде тој доаѓа“, вели Маас истовремено повторувајќи ја пораката дека на Германија во носењето на одлуката „не ѝ е потребна помош однадвор“.

Во Германија се водат дебати околу учеството на „Huawei“, бидејќи постои стравување дека оваа компанија чувствителните податоци кои ќе се пренесуваат преку 5G мрежата би можела да им ги проследува на кинеските власти. Главното здружение на германската ИТ бранша, Bitkom, предупреди од исклучувањето на „Huawei“ од процес на доделувањето концесии.

„Не смееме произволно да ги исклучуваме кинеските компании. Нам ни се потребни безбедносни критериуми кои мора да ги исполнат сите понудувачи“, вели директорот на Bitkom, Бернард Роледер за дневниот весник Passauer Neue Presse.

Кинескиот претседател Кси Џинпинг во четврток ќе ја посети Европа, во моментот кога таа е поделена во ставовите коишто треба да ги заземе против кинескиот гигант „Huawei“ кој го гони САД и кинескиот проект за новиот Пат на свилата.

Европската унија пред една седмица го објави планот за „урамнотежување на односите“ со Кина, опишувајќи ја како „ривал“ иако е нејзин прв трговски партнер. Со тоа во врска, одлуката на Италија во текот на посетата на Кси да потпише договор за поддршка на кинескиот проект за новиот Пат на свилата, што би вклучавало и вложувања во италијанските јадрански пристаништа Трст и Џенова, предизвика загриженост на нејзините западни сојузници кои предупредуваат дека Кина со тоа сака да го прошири своето политичко влијание во светот.

Истовремено Вашингтон подолг период наназад врши голем притисок врз европските сојузници да не ја користат опремата од кинескиот комуникациски гигант „Huawei“ за развој на мобилната мрежа од петтата генерација. САД и Австралија ги затрворија своите пазари за кинеската компанија, но европските држави сѐ уште не ја донесоа конечната одлука.