Милошевски: Не само во Охрид, треба и вложување и во сите места во околината

Во рамките на моите надлежности коишто произлегуваат од Законот за локална самоуправа, ќе се трудам Охрид да стане препознатлив како по природната убавина, така и по квалитетниот живот, Митре Милошевски кој е кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.

Кога зборувам за Охрид, секако мислам и на околината, приградските населби и селата. Некои живеат во  градот и не се соочуваат со проблемите кои ги имаат луѓето кои живеат во некои населби и села, во близина или подалеку од Охрид. Посетувајќи ги, директно се соочив со проблемите кои ги имаат и ќе им излезам во пресрет и на нив, вели Митре Милошевски кој е кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.

Кандидат сте за градоначалник на Охрид, град познат пошироко, град од листата на УНЕСКО. Во една пригода рековте Охрид мора да биде убав, да направиме од градот убаво и квалитетно место за живеење? Како ќе го направите градот убаво место за живеење?

Охрид  е природно убав град, бисер на Балканот и Европа. Охрид ги има сите предности и културни, и историски и географски да го заземе приматот. Но, потребно е да се подобри животот на граѓаните за и тие да се чуваствуваат убаво. Во рамките на моите надлежности коишто произлегуваат од Законот за локална самоуправа, ќе се трудам Охрид да стане препознатлив како по природната убавина, така и по квалитетниот живот. Ќе започнеме од изградба на кејот, кој е најпрепознатлив белег на градот, ќе изградиме нов плоштад Студенчишта, нова велосипедска патека Охрид-Свети Стефан, а хортикултурното уредување исто така ќе биде препознатлив дел не само  во централното градско подрачје, туку и во околината. Охрид заслужува подобрување на патната инфраструктура и во приградските населби и околните села кои се дел од општина Охрид.

Освен убаво место ветивте дека ќе биде квалитетно место за живеење. Како ќе го подобрите квалитетот на живеење на граѓаните на Охрид?

Како што веќе кажав, убавината и квалитетот на живеење се причинско-последично поврзани, односно нема убавина без квалитетен живот, ниту пак квалитетен живот без убавина. Самото естетско средување на градот ќе придонесе за поквалитетен живот и ќе направи граѓаните да се чувствуваат пријатно во родното катче.

Промовирањето на туризмот надвор од границите ќе придонесе да се зголеми бројот на туристи, а со тоа ќе се овозможи поголема економска стабилност на градот. Мојата визија е да се отвораат нови работни места поврзани со туризмот, а младите да се насочуваат кон приватниот сектор, преку кој  Охрид ќе биде промовиран во најсилно светло низ атрактивните туристички дестинации.

Охрид живее во текот на целата година, но факт е дека во текот на летните месеци, кога е туристичката сезона, гледаме поинаков лик на градот. Како може да се продолжи сезоната и да се понудат интересни содржини кои што ќе го направат градот подеднакво атрактивен во текот на целата година?

Нема да преувеличам доколку кажам дека од 365 дена во годината, во Охрид сончеви се 360 дена. Дури и во студените зимски денови, сонцето е пријател на градот. Според  тоа, имаме стратегија со која мора да се искористи потенцијалот на градот во текот на целата година. Факт е дека во летниот период сликата на градот е пожива и подинамична, тогаш се одржува фестивалот Охридско лето, Балкански фестивал, Филмски фестивал и други препознатливи културни случувања. Со добар план, програма и визија, секако дека може да се продолжи туристичката сезона во текот на целата година. Доколку бидам избран за градоначалник на Охрид, а јас веќе го слушнав гласот на туристичките работници и повторно ќе го слушнам за заедно да донесеме решенија и идеи поврзани со туристичката сезона, зашто тие се директно вклучени во тоа. Мојата цел е да има кохезија меѓу локалната самоуправа и туристичките работници, зашто само така ќе имаме успех.

Што треба да се направи за жителите од околните места кои се дел од општината Охрид?

Кога зборувам за Охрид, секако мислам и на околината, приградските населби и селата. Јас не ги делам луѓето на граѓани и селани, сите ние сме луѓе кои мора да живееме некаде. Некои живеат во градот и не се соочуваат со проблемите кои ги имаат  луѓето кои живеат во некои населби и села, во близина или подалеку од Охрид. Посетувајќи ги, директно се соочив со проблемите кои ги имаат. Неасфалтирани патишта, улици, затрупани депонии со ѓубре, без водовод и канализација. Заложбите ќе бидат изградба или доизградба на водоводни системи, водоводна мрежа во Рача, Горно Лакочереј, Пештани, Лагадин, Куратица и Ливоишта. Реконструкција и изградба на канализационен систем, односно фекална канализација во македонското Сен Тропе, Трпејца, во Велгошти, Рача и Лескоец.