Најголема излезност до 18,30 часот е забележана во дипломатско-конзуларните претставништва во Берлин (64,47 отсто), Букурешт (64,29 отсто), Загреб, (61,11 отсто) Сараево (61,70) и Хаг (60 проценти).
Најмала излезност за време на гласањето денеска за шестите претседателските избори во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија до 18,30 часот е регистрирана во Венеција (26,55 отсто), Копенхаген (30,77 отсто), Абу Даби (30 отсто).
Вкупната излезност во странство до 18,30 часот 38,51 отсто, односно гласале 686 гласачи, а во неа како што појасни портпаролката на Државната изборна комисија, Љупка Гугучевска вечерва на втората прес-конференција, не се вклучени шест избирачки места во САД и Канада. Тие сѐ уште се отворени и гласањето таму ќе се одвива до 19 часот по локално време. На 32 гласачки места во конзуларно-дипломатските претставништва на земјава, како што потсети Гугучевска се пријавиле 1.781 гласач.
Тринаесетте гласачки места во Казнено-поправните установи, каде своето право денеска можеа да го остварат 1.640 гласачи се затворени. Гласањето течело без проблеми, а илезноста до 18,30 часот изнесува околу 55 отсто.
Во текот на денешниот ден своето гласачко право го остварија и гласачите во единствениот Центар за раселени лица, рече Гугучевска. Таму се сместени седуммина гласачи.
Првпат гласаа и избирачи во два старачки дома во Скопје. Тамму од 71 гласач, своето право го оствариле 70.
Гугучевска нагласи дека денеска избирачките одбори го спроведуваат и гласањето на лица кои се болни и немоќни, како и на оние кои се во куќен притвор.
Во своите домови гласачкото право го остваруваат 3.539 граѓанин, кои се пријавиле како болни или немоќни и 12 кои се во куќен пртивор. Досега гласале 3.064 болни или немоќни и седум лица во куќен притвор. Ова гласање, рече Гугучевска сѐ уште трае, сѐ додека сите кои се пријавиле не го остварат своето право.
Потсети дека е активен бесплатниот телефонски број 0800555444, на кој заинтересираните можат да се јават да постават прашање и да остават коментар до ДИК, заедно со своите податоци. Новина во комуникацијата за граѓаните со оштетен слух и говор е тоа што на денот на изборите активен ќе биде телефонскиот број 076 488-360, на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање до ДИК.