Тимоние: Не можам да зборувам за датум за преговори

Не можам да зборувам за датум за преговори. Ќе го чекаме извештајот на Европската комисија кон крајот на мај за да направиме проценка дали е спроведено сè што требаше во Република Северна Македонија, особено од областа на судството и на правната држава, изјави во Прилеп амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние.

Пред студентите од Економскиот факултет одржа предавање на тема: „Европската Унија во пресрет на изборите, предизвици и надежи – француско гледиште“. Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат од 23-ти до 26-ти мај.

Да се предвиди датум, ќе кажам не, не сум астролог, но сепак, ќе кажам, еден од условите да се завршат почнатите работи, односно да се заврши агендата 3-6-9, потоа агендата 18, кои претставуваат извонредни работни инструменти. Ќе го чекаме извештајот на Европската комисија за кон крајот на месец мај да направиме проценка дали се спроведени сите оние работи кои требаше да се спроведат, особено од областа на судството и на правната држава, рече Тимоние.

Според Тимоние, ова е суштински период и се влегува во турболентни моменти во светската историја, зашто изборите ќе влијаат на многу аспекти.

Се разбира дека изборите ќе имаат влијание, и тоа во повеќе аспекти, затоа што, генерално, Европската унија, вклучително и Франција, се повеќе се интересираат за земјите од Западен Балкан. Впрочем, Франција беше таа која на самитот во Берлин ја објави новата стратегија за земјите од Западен Балкан и нивното приближување кон ЕУ. Се разбира дека сите земји работат на тоа поле, меѓутоа ќе треба поефикасно да ги здружиме напорите за да може сите земји од Западен Балкан, вкучувајќи ја секако и Република Северна Македонија што повеќе да се приближат до ЕУ, објаснува Тимоние.