Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Берово испрати порака дека власта се обидува да и се одмазди на опозициската партија со најавениот план Б за законот за Јавното обвинителство со кој треба се реши статусот на СЈО. Тој денеска го повтори ставот на партијата и побара оставка од министерката за правда Рената Дескоска.
„ Таа со нејзината вчерашна прес-конференција наместо да ја искористи приликата и да им се извини на граѓаните на Македонија поради непријатните моменти како прегрнување и непосредности со Боки Тредичи за да даде оставка. Таа, напротив, повикува и на омраза и на освета кон опозицијата неводејќи сметка да направи реформи во судството во обвинителството. Нејзината цел е да најде начин да се пресмета со опозицијата“ изјави Мицкоски.
Деновиве се очекува да биде закажана седницата на собраниската Комисија за европски прашања на која се очекува ВМРО-ДПМНЕ да поднесе амандмани на предлог-законот за Јавно обвинителство. А амандмани најавија и албанските партии ДУИ, Беса и Алијанса на Албанците.
Дескоска вчера најави дека власта размислува за план Б, доколку не се обезбеди потребното двотретинско мнозинство во Собранието. Таа посочи дека со измена на Законот за Совет на јавни обвинители, кој се носи со обично мнозинство, може да се најде решение за функционирање на Специјалното обвинителство.