Три дена нѐ делат од премиерата на новиот Golf, а неговиот претходник сосема добро си ја завршува работата. „Седумката“ е најпродаваниот автомобил во Европа, но вистинското изненадување на листата следи на второто место.
Покрај силната конкуренција, на второто место изби една Dacia. Секако, погодувате дека станува збор за моделот Duster – најпопуларниот (и најдобриот) модел на романскиот производител.
Во текот на август се продадени 19.451 примерок, што е скок од 10,8% и сосема доволно за второто место на листата најпродавани автомобили во Европа, соопшти JATO Dynamics.
Најпродаваниот модел, VW Golf, достигна бројка од 26.411 примероци. Во споредба со истиот месец лани тоа е пад од дури 23,6%. Веќе е јасно дека бројни обожаватели сепак ја чекаат „осумката“.
На трето место е уште еден модел на Volkswagen. Станува збор за T-Roc, чија продажба скокна за 27,8% на 18.262 примероци.
Потоа следи уште една Dacia, овојпат Sandero, со продажба од 17.764 примероци. Топ пет го заокружува повторно еден Volkswagen – Polo со 16.692 примероци и изненадувачки пад од 21,2%.
Гледано по брендови, ситуацијата не е баш најдобра за романската автомобилска компанија. Растот изнесува само 5,5%, а со продажба од 51.692 возила го зазема само деветтото место во ЕУ. Очигледно е дека ѝ недостигаат повеќе модели.
Ситуацијата не е нешто подобра ни за Renault. Францускиот гигант забележува пад од 38,9% и со 61.294 продадени примероци го зазема четвртото место. Сепак, најголем пад меѓу автомобилските брендови во Европа забележа Nissan (-47,1%, 23.775 примероци), а најголем плус – Smart (+102%) и Suzuki (+40,5%).