Обновените конаци на Трескавец ќе чекаат вода до пролет

Процесот на обнова на конаците на манастирот Трескавец го доведовме до крај, изјави министерот за култура Хусни Исмаили при неговата прва посета на прилепските културни институции и на манастирот Трескавец кој три и пол години се гради со околу два милиона евра, средства обезбедени од Министерството и од државата.

– Денеска со гордост може да кажеме дека процесот на обновата на конаците на манастирот Трескавец го доведовме до крај. Конзерваторските работи, реставрацијата во објекти од овој тип се навистина макотрпни, долго траат, бараат умешност и средства. Другото што останува, конзервацијата на црквата „Успенеие на пресвета Богородица“ фазно ќе се решаваат – рече Исмаили.

Манастирскиот комплекс не може да биде официјално ставен во употреба затоа што не е решено едно од најголемите прашања, односно водоводот до манастирот, за што, според отец Калист, кој е единствениот жител на манастирот, има проект од 2012 година.

– Интензивно работиме на решавање на тоа прашање за да обезбедиме финансиски средства за реализација на проектот за водоснабдувањето кој е готов уште во 2012 година, изготвен од прилепската локална самоуправа, вреден околу 108.000 евра. Како инвеститор се јавува токму општина Прилеп. Станува збор за изградба на каптажа во Расадникот. Тоа е старата чешма што ја изградил уште 1827 година Христо Бомбол од Прилеп. Тоа е на оддалеченост од околу 500 метри од манастирот и водоводот треба да се качи до Трескавец, низ карпите каде треба да биде изграден новиот резервоар со капацитет од околу 90 метри кубни вода. Се надеваме, доколку напролет ќе се обезбедат средства и ќе може до празникот „Голема Богородица“ во август да се пуштат во употреба обновените конаци – вели отец Калист.

Според министерот Исмаили, проектот за водоводот не е обврска на Министерството, но, како што рече, ќе се потрудат да помогнат, а потребно е и активно вклучување на локалната заедница.

– Нашите обврски се завршени до крај. Секогаш излегуваат непредвидени работи, како што се пречистителната станица во манастирот, трафостаницата, можеби и нешто друго. Иако не е тоа наша обврска, ќе се обидеме во рамки на нашите можности, да го актуализираме прашањето за да најдеме заедничко решение. Притоа, мора да се напомене дека и другите институции се должни да го помогнат овој процес, почнувајќи од градоначалникот, локалните институции, приватните компании, странските донатори. Владата и премиерот секогаш се на ставот да се помогне во ваквите процеси, но треба да се побара помошт и од повеќе страни – рече Исмаили.

МИА