Иран уапсил осум лица „поврзани со CIA“

Иран објави дека уапсил осум лица осомничени за поврзасност со американската Централна разузнавачка агенција (CIA), откако САД наведоа дека примиле илјадници пораки од оваа земја за неодамнешните насилни протести.

Иранските власти ги обвинуваат САД и Израел, кои се огорчени непријатели на Техеран, дека стојат зад немирите кои избувнаа по зголемувањето на цените на бензините и протестите кои започнаа на 15-ти ноември. Иранските власти по неколку дена објавија дека вовеле ред.

Доцна во средата службената новинска агенција IRNA извести за апсењето на осум лица поврзани со CIA.

„Голем број елементи кои се обидоа да соберат информации за немирите и да ги пренесат во странски држави, беа идентификувани и уасени пред да можат да ја извршат својата мисија“, го цитира агенцијата генералниот директор на одделот за борба против шпионажа при иранското министерство за разузнавање.

„Овие елементи кои добиле обука финансирана од CIA во разни земји за да прибираат информации под маската на ткн ‘граѓани-новинари’, беа следени подолг период“, рекол портпаролот додавајќи дека тие добиле наредби да учествуваат на немирите и да се подготвуваат извештаи, особено видеа.

Шестмина од нив биле уапсени додека „учествувале на немирите и ги извршувале задачите на американските разузнавачки служби“, додека другите две лица биле идентификувани и приведени кога се обидувале да „испратат информации во странство пред да ја напуштат земјата“, додал.

Според портпаролот, властите набљудувале и други членови на мрежата низ целата земја и предупредил дека „сериозно“ ќе се справат со нив доколку сторат некаков чин против иранската национална безбедност.

Организацијата за заштите на човековите права Human Rights Watch (HRW) во средата наведе дека иранските власти намерно ги прикривала податоците за смртно настраданите и уапсените во протестите во десетина градови. Организацијата Amnesty International претходно седмицава објави дека наводно се убиени околу 143 демонстранти, а околу седум илјади биле приведени.

Владата во Техеран ја потврди смртта на пет лица, четворица полицајци кои биле убиени од „бунтовниците“ и еден цивил, како и 500 апсења, од кои 180 на малолетни лица во протестите во кои беа уништувани седишта на банки и државни компании.