Скандал во Велес-професори по физичко образование водат бизнис и профитираат од децата во градинките

Родителите на децата од повеќето градинки во Велес остро реагираат и ги осудуваат постапките на професорите кои што ги одржуваат часовите по физичко образование.

Часовите ги држат професори кои што се вработени во училишта во Велес, кои покрај државната работа, со помош на луѓе високо позиционирани во општината и преку роднински врски ги добиваат и часовите по физичко образование во градинките.

Во законот е предвидено и годинава изгласано, овие часови да ги одржува професор вработен во градинките со што родителите не би требало да плаќаат дополнителни пари. Односно, сумата за овие часови би влегувала во месечниот надоместок кој го плаќаат родителите.

Како што пишува Курир, во Велес овие часови претходно ги одржуваше професорот по физичко образование М.Р. кој што работел цели 5 години на оваа функција.

Овој професор е магистер, има завршено два факултета, оженет е и татко на едно малолетно дете. После 5 години успешна работа и добиени разни благодарници за проекти и олимпијади, часовите му се одземаат, со цел веќе вработените лица да можат да остваруваат дополнителен профит.

Тој останува невработен, а лицата што му ги одземаат часовите се веќе вработени, па со тоа добиваат уште еден извор на приход. До редакцијата на Курир пристигнаа имињата на овие професори, но и скандали поврзани со нив и нивното работење. Еден од нив е на мета на критики на јавноста откако претходно бил обвинет за кражба, но случајот никогаш не е расчистен.

На повеќе пати истиот професор бил пријавуван поради разни вулгарни навреди кон децата, но ниту за ова никој не превзема нешто. Скандалозни афери се врзуваат и со името на еден друг од професорите, за кого кружат гласини дека бил во љубовна афера со колешка професорка која поради скандалозно видео беше избркана од работа.

Покрај нивната работа во училиште, а сега и во градинки, дополнително тие водат спортски клубови. Овие часови за спорт треба да бидат пресметани во вкупната сума која родителите секој месец ја плаќаат преку уплатница. Тие средства легнуваат на сметката на Буџетот на Република Македонија.

Но, тоа што навистина се случува, освен што е незаконско и скандалозно, нанесува директна штета на Буџетот. Средствата за часови по спорт, родители во Велес ги исплаќаат на сметка на приватен клуб.

Одбојкарски клуб Борец и кошаркарски клуб Борец, покрај чланарината што ја плаќаат децата, земаат големи суми на пари од општина Велес. Тие пари се државни, од џебот на македонските граѓани. Дополнително од секој родител на дете кое посетува часови по спорт во градинка, парите легнуваат на сметката на кошаркарскиот клуб Борец Баскет што е апсолутно неприфатливо затоа што тие деца не тренираат во клубот.

Голем број на родители и вработени во градинките остро реагираа затоа што часовите не се одржани на соодветен начин. Имено, часовите се многу кратки и во одредени денови воопшто не се одржани затоа што професорите мора да одат на работа!

Загрижените родители апелираат до надлежните институции да превземат мерки за случајот и да реагираат затоа што немаат намера да плаќаат дополнителни трошоци, кои што се предвидени со закон дека треба да ги покрие државата, а не преку нив да се остварува профит!