Четири авиони со припадници на сириската вооружена опозиција која ја поддржува Турција слетале во средата на меѓународниот аеродром Митига крај либиската престолнина Триполи, објави телевизијата Al Hadas.
Според извештајот на телевизијата, борците пристигнале со авионите на воздухопловната компанија во сопственост на поранешниот челник на Воениот совет на Триполи, Абдел Хаким Белхадџ, за кој се тврди дека е поврзан со исламските радикални групации.
Во понеделникот сирискиот весник Al-Watan, повикувајќи се на извори од сириската вооружена сунитска опозиција, објави дека Турција подготвува во Либија да испрати група од 2.000 борци, додека, пак, според саудиската телевизија Al Hadat, таа бројка изнесува 8.000 борци, како поддршка за вооружените групи кои се борат на страната на меѓународно признатата Влада на националното единство (GNA) во Триполи, предводена од Фаиз Сараџ. Според саудиската телевизија, за изборот на борците е задолжена Бригадата на Султан Мурат, која е составена од етнички Туркмени кои ги населуваат северните делови на Сирија.
Претходно на либанска територија биле транспортирани околу 500 припадници на сириската опозиција со борбено искуство. Според сириските медиуми, во зоните на северот од Сирија кои се под контрола на турските единици и нивните сојузници од вооружената опозиција, формирани се четири центри за регрутирње на борците кои треба да бидат префрлени во Либија. За изборот на борците задолжени се командантите на бригадите „Султан Мурат“, „Сулејман шах“ и „Ал Муатасим“, кои се составени од етнички Туркмени кои живеат во Сирија.
Во четврток турскиот парламент ќе го разгледува предлог-законот кој овозможува испраќање турски единици во Либија. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во неколку наврати ја истакна подготвеноста за испраќање турски трупи во Либија, доколку Триполи тоа го побара, а минатата седмица објави дека Анкара добила такво барање. Турција и Либија на 28-ми ноември потпишаа меморандум за соработка, меѓу другото, и во сферата на безбедноста.
Либија е поделена меѓу меѓународно признатата влада на Фаиз Сараџ во Триполи и владата на Абдула Абдулрахман ал-Тани со седиште во Тобрук, на истокот од земјата, која е поддржана од Либиската национална армија (LNA), добро вооружена групација од поранешни војници и офицери лојални на маршалот Калифа Хафтар.
На 12-ти декември Хафтар го објави почетокот на решавачкото настапување кон Триполи со цел да се елиминираат „таму утврдените терористички групации“. На 27-ми декември силите на Хафтар објавија дека се наоѓаат на десетина километри од центарот на либиската престолнина.
Во вторникот, на последниот ден од 2019 година, Лигата на арапските држави во египетската престолнина Каиро одржа вонредно заседание на ниво на постојани претставници за состојбата во северноафриканската замја. Лигата предупреди на „опаснота од преземање на еднострани чекори од која и да е од страните во Либија, кои би создале услови за надворешна воена интервенција, што би предизвикало натамошна ескалација на конфликтот во Либија“.