Комплетно е завршено ажурирањето на 735 упатства за практикување медицина заснована на докази, чија примена ќе овозможи воедначување на нивото на квалитет на здравствените услуги и намалување на ризикот од лекарска грешка, информира денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
Овој нов пристап не го става акцентот на интуицијата на лекарот и на несистематичното клиничко искуство, ниту наликува на стариот пристап во донесување на клинички одлуки со користењето на патофизиолошката логика. Наместо тоа, ја истакнува важноста на резултатите од големите, контролирани, рандомизирани клинички студии во формулирањето на индивидуалните стратегии за третман, рече на денешната прес-конференција министерот Тодоров.
Појасни дека добар пример за оваа разлика во пристапите е примерот со препораките за примена на антиаритмици кај акутниот миокарден инфаркт.
– Поранешниот став заснован на патофизиолошкиот пристап беше да се даваат овие лекови за да се делува на – неправилната работа на срцето со цел да се намали смртноста поврзана со тоа. Но, на основа на доказите добиени од систематичен преглед на многу контролирани и рандомизирани клинички студии, било јасно, и покрај патофизиолошката логика, дека смртноста е поголема ако тие лекови се дадат, отколку ако не се дадат, рече Тодоров.
Примената на знаењето стекнато од големи клинички студии во грижата за пациентите, според него, се преточува во упатства засновани на докази, кои промовираат конзистентност на третманите, оптималност на исходите и подобар квалитет на живот на пациентите.
– Во однос на потребата од постоење на ваквите упатства, сакам да потенцирам дека од особена важност е помошта што тие ја нудат во востановување на националните стандарди за грижа за пациентите, стандарди кои имаат потенцијал да ја дадат најдобрата медицинска нега со најмали трошоци. Оттука, тие овозможуваат давање ефикасна и рационална здравствена заштита на населението, како и намалување на разликите и варијациите во давањето на здравствената заштита меѓу одредени региони, истакна Тодоров.
Додаде дека користењето на упатствата може да влијае и на унапредување на искористувањето на ресурсите и подобрување на односот помеѓу трошоците и добиената корист од вложувањата.
– Секако, тоа не значи дека тие секогаш нудат опции со кои се намалуваат трошоците. Напротив, понекогаш трошоците се зголемуваат, но и покрај тоа, соодносот со добиената корист е секогаш во полза на користа, истакна министерот за здравство.
Упатствата, рече Тодоров, ќе ги отстранат и сите дилеми и сомневања дали некој пациент примил соодветен третман или не. – Тие ги идентификуваат оправданите и неоправданите третмани и дијагностички процедури, и преку нив може лесно да ги идентификуваат штетите врз пациентите. Но, за таа цел, пациентите треба да се едуцираат и да очекуваат интервенции засновани на медицината заснована на докази, со што ќе бидат заштитени од непотребни, неефикасни или дури потенцијално опасни третмани, истакна Тодоров.
Добар пример за ова, според него, се препораките од Упатството за воспаление на средното уво кај децата.
– Имено, воспалението на средното уво кај деца е честа состојба – 40 проценти деца имаат барем една епизода во првата година од животот, а околу 70 проценти во тек на првите 2 години. Постојат висококвалитетни докази (ниво на доказ А) дека воспалението е поврзано со горнореспираторни инфекции. Доказите покажуваат дека давањето на антибиотик може да помогне, но состојбата може да се подобри и без нивна примена, а се препорачуваат аналгетици и локално давање на капки за уво со анестетик. Кај нас е вообичаено родителите да бараат детето да прими и антибиотик, а порано многу лекари препишуваа долготраен антибиотски третман. Актуелните упатства препорачуваат пред ординирање на антибиотска терапија да се внимава на тежината на клиничката слика и желбата на родителите, но и на несаканите ефекти од употребата на антибиотици, како што е појава на дијареа кај детето и појава на резистенција кон антибиотиците (ниво на доказ А). Затоа, антибиотици се препорачуваат само кај деца на возраст помала од 2 години, со обострано воспаление и со перфорирано ушно тапанче (ниво на доказ Б). Значи, кај многу случаи, примената на антибиотици би била непотребен и неоправдан третман, истакна министерот Тодоров.
Тој појасни дека во донесувањето на клиничките одлуки, медицината заснована на докази ги користи научните докази добиени со примена на ригорозна методологија.
Извор: МИА