Вечерва излеговме тука во огромен број за да кажеме дека правдата е нападната од неправдата, да ја кажеме вистината дека судската и обвинителската власт е брутално згазена, порача на почетокот од своето обраќање во вторникот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред мноштвото поддржувачи на опозицијата собрани пред Кривичниот суд во Скопје на собирот под мотото „Протест против
Мицкоски на почетокот потсети на неодамна емитуваните аудио-снимки на коишто се слуша како лидерот на СДСМ, Зоран Заев, тогашен премиер докажува дека интервенирал во судски случаи и во работата на Специјалното јавно обвинителство, чијашто шефица Катица Јанева сега е една од обвинетите во случајот „Рекет“. Опозицискиот челник, исто така, посочи дека аудио материјалот „докажува и покажува мафија“ којашто ја „одзема слободата и правдата“.
Потсети и на повеќегодишното тврдење на Заев пред родителите на егзекутираните деца кај Смилковско езеро дека „бомбите“ кои своевремено ги емитуваше тој и со чија помош дојде на власт ја покажувале „вистината“ за масакрот, за минатата седмица на судот пред нив да изјави дека нема такво нешто.
„Мафија која три години е сојузник со криминалот кој останува неказнет. Мафија која ослободува убијци на мали деца додека премиерот си прави селфи со убијците, додека родителите на чедата од Смилковско езеро со грч и горчина во срцата од неправдите живеат со помислата дека убијците се на слобода. Мафија која диктира обвиненија, диктира пресуди на судии. Мафија која како свое царство го негува хибридниот режим на Заев“, рече Мицкоски.