Бројот на лицата заразени со новиот сој коронавирус Covid-19 надвор од континентална Кина се зголеми на 2.918 лица, со 43 починати, се наведува во дневниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО – WHO).
Според СЗО, на пладне по македонско време во средата бројот на потврдените случиа на инфекција со коронавирусот надвор од Кина во последното деноноќие се зголемил за 459 лица. Во моментов потврдени случаи на коронавирус се пријавеи во 37 земји во светот, вклучително и Македнија. Од вкупниот број почината надвор од Кина, девет починале во последните 24 часа.
Со тоа во последното деноноќие се регистрирани повеќе новозаразени со коронавирус надвор од Кина отколку во земјата чијашто централна покраина Хубеи од крајот на декември беше епицентар на епидемијата со Covid-19, и претставува голем пресврт во глобалното ширење на заразата, истакнуваат од СЗО.
Кинеските власти во вторникот објавија 411 нови инфекции; во остатокот на светот, бројот беше 427. Вкупниот број на заразени на глобално ниво сега достигна 80.980.
Нови случаи на коронавирус се појавуваат низ цела Европа. Десетиците заразени во Иран предизвикуваат страв од неконтролирано ширење низ Блискиот исток. Американските власти соопштија дека не е прашање дали, туку кога вирусот ќе се појави и во САД. Во Кина, пак, епидемијата забавува.
Во средата први случаи на заразени со коронавирус пријавија Македонија, Грција, Грузија, Финска, Пакистан, Бразил што е и прв случај во Латинска Америка, а во Италија почина дванаесеттиот пациент.
Во своето воведно излагање во брифингот за Covid-19, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генералниот директор на СЗО, рече дека се чини дека забавува стапката на нови инфекции во Кина, каде што почна епидемијата, додека расте бројот на земјите што се во рана фаза на епидемија.
„Вчера, бројот на нови случаи пријавени надвор од Кина првпат го надмина бројот на новите случаи во самата Кина. Ненадејните зголемувања на бројот на заразени во Италија, Исламска Република Иран и Република Кореја се длабоко загрижувачки. Сега има случаи поврзани со Иран во Бахреин, Ирак, Кувајт и Оман. Случаи поврзани со Италија има во Алжир, Австрија, Хрватска, Германија, Шпанија и Швајцарија.
Во вторникот во Рим пристигна заеднички тим од СЗО и Европскиот центар за спречување и контрола на болести за да ги разгледаат донесените мерки за јавно здравје и да обезбедат техничка поддршка. Тим на СЗО ќе патува за Иран овој викенд за да даде помош.
„Зголемувањето на бројот на заразени надвор од Кина поттикна некои медиуми и политичари да вршат притисок да се прогласи пандемија. Не треба да бидеме премногу нестрпливи да прогласиме пандемија без внимателна и разумна анализа за фактите. СЗО веќе прогласи јавноздравствена тревога на меѓународно ниво – нашето највисоко ниво на тревога“, рече Гебрејесус.