Во Србија до петокот вечерта се потврдени 35 случаи на зараза со коронавирусот, што е за четири случаи повеќе отколку првиот дневен извештај од претпладнето, соопштено е на прес-конференцијата во владата, која формираше два кризни штаба и издвои помош за пензионерите.
Во текот на денот во Србија се регистрирани четири нови случаи, откако до петокот во 18 часот во националната референтна лабораторија на Институтот „Торлак“ се тестирани вкупно 239 лица, кои допатувале од загрозените области или се сомнителни според симптомите и другите критериуми.
Од утрото во 8 часот до 18 часот во петокот се тестирани примериците на 25 лица, од кои четири биле позитивни, а 21 е негативен.
Најголемиот број од заразените се хоспитализирани во Белград – 19 лица, шест пациенти во Клиничкиот ценатар во Ниш, а пет во Нови Сад, додека другите се под лекарски надзор на домашно лекување. Од вкупно 35 заразени, двајца пациенти имаат тешка клиничка слика, им беше соопштено на новинарите.
Покрај забраната за јавни собори за повеќе од 100 лица во затворен простор, владата на Србија на денешната седница донесе и одлука за забрана на собирање на отворените спортски објекти, така што фудбалските натпревари ќе се играат без публика на неодредено време.
Владата на Србија формираше и два кризни штаба за борба со коронавирусот на кои на чело се премиерката Ана Брнабиќ и шефот на државата Александат Вучиќ.
Во Штабот за сузбивање на епидемијата покрај премиерката Брнабиќ, се и министерот за здравство Златибор Лончар, директорката на Републичкиот фонд за здраствено осигурување, Сања Радојевиќ Шкодриќ, и покраинскиот секретар на владата на Војводина за здравство, Зоран Гојковиќ. Членови на ова тело се и директорите на ресорните институти и клиники, како и претставници на други средни тела.
На чело на Кризниот штаб за отстранување и спречување на можните штетни последици од епидемијата на економијата, покрај претседателот Вучиќ, се и министерот за финансии Синиша Мали, претседателот на српската Стопанска комора, Марко Чадеж, и гувернерката на Народната банка, Јоргованка Табаковиќ./
Српската влада денеска ја усвои одлуката на сите вработени во системот на здравствена заштита и здравствените установи од 1-ви април платите да им се зголемат за 10 отсто, како и на сите пензионери да им се исплати еднократна парична помош од 4.000 денари.