Вкупно 1117 случаи позитивни на коронавирус се регистрирани во Македонија согласно вчера објавените официјални податоци. Надлежните вчера информираа дека потврдени се нови 36 случаи во Македонија, во шест градови од кои најголем број во Скопје.
Најголем дел од регистрираните случаи, 9, се на возраст од 30-39 години, а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 25 женски и 11 машки лица. Хоспитализирани се 7 лица, а останатите се на домашно лекување. Кај 11 лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број на заболени лица во Македонија, најголем број позитивни случаи на Ковид-19 вирусот се регистрирани во три градови, Скопје – 388, Куманово – 311 и Прилеп – 103.
Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години (медијана – 45 години). Најголем број (233) на заболени се на возраст од 50-59 години. Кај лица над 60 години инциденцата изнесува 59,2 заболени на 100.000 лица (Графикон 1). Најниска инциденца од 18,8 и 18,4 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 43 и 46 случаи соодветно.
Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,3%), кашлица (54,1%), малаксаност (32,3%), треска (18,5%), главоболка (17,5%), болка во грло (15,7%) и отежнато дишење (14,1%).
Кај 33,8% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Регистрирани се 194 случаи на заболување меѓу здравствени работници.