
Во Шпанија во неделата се регистрирани 87 смртни исходи од заразата со новиот коронавирус во последните 24 часа, што е првпат помалку од 100 починати во два месеца, ден пред продолжувањето на попуштањето на мерките за карантин но кои нема да важат за Мадрид и за Барселона.
„Првпат по долго време имаме помалку од сто починати, што е добра вест“, изјави во неделата директорот на здравствените служби, Фернандо Симон.
Во периодот на кулминацијата на епидемијата на почетокот од април во еден ден имаше и 950 починати од коронавирусот.
Шпанија е една од најзафатените земји во светот со пандемијата, со вкупно 27.650 починати, според податоците на министерството за здравство од неделата. Регистрирани се повеќе од 231.000 случаи на зараза потврдени со тестовите.
Симон додаде дека Шпанија, каде што на сила беа едни од најстрогите мерки за ограничувања, е многу блиску до запирањето на трансмисијата на заразата меѓу луѓето, благодарејќи на напорите на населението но и предупреди дека и натаму е голема опасноста од вториот бран на епидемијата.