Британската фармацевтска компанија „AstraZeneca“ очекува да започне со масовно производство на вакцината против респираторната болест Covid-19, која ја развива заедно со Универзитетот Оксфорд, во септемрви годинава, доколку тестовите бидат успешни.
„Компанијата ги склучи првите договори за испораки, за најмалку 400 милиони дози, веќе осигури можност за производство на милијарди дози и ќе започне со првите испораки во септември 2020 година“, се истакнува во соопштението на фармацевтската компанија.
„Би сакале да им се заблагодариме на владите на САД и на Велика Британија за нивната суштинска поддршка во забрзувањето на процесот на развој и производство на вакцината. Ќе сториме сѐ што е во наша моќ за брзо создавање на вакцината и да ја направиме широко достапна“, се наведува во писмената изјава на челникот на „AstraZeneca“, Паскал Сорио.
Претходно беше објавено дека компанијата од американската администрација добила поддршка за развој на вакцината во износ од милијарда долари.
Во соопштението се додава дека во јуни ќе бидат познати резултатите од првата фаза на клиничките испитувања изведени во Англија. Доколку тие бидат успешни, тестирањето на вакцината ќе продолжи во други земји. Ако сѐ се одвива според планот, уште во септември 30 милиони жители на Велика Британија, односно нешто помалку од половината од вкупната популација, ќе може да има пристап до вакцината.