Косово бара задолжителен негативен ПЦР тест за граѓаните од Македонија, Црна Гора и БиХ

Владата на Косово ја одобри одлуката за задолжителен негативен тест за коронавирус за граѓаните кои доаѓаат од Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Граѓаните мора да поседуваат негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа.

Од таму најавуваат дека граѓаните на овие земји се исклучени од оваа одлука доколку влезат во земјата преку аеродромот „Адем Јаштри“. Тие нема да мораат да приложат негативен ПЦР тест, но ќе потпишат изјава дека ќе го напуштат Косово во рок од 3 часа.

Одлуката не важи ни за граѓаните кои го користат аеродромот „Адем Јаштри“ за патување во други земји.

Превозниците кои доаѓаат од овие земји на Косово не треба да презентираат ПЦР тест, но меѓународните протоколи за транспорт мора да се почитуваат. Транспортот организиран со автобуси или меѓународни транзитни линии од овие земји, не треба да презентира сертификат за тест, но мораат да потпишат изјава дека се должни да ја напуштат територијата на Косово во рок од 5 часа.

Странските дипломати и нивните семејства се ослободени од презентирање на тестот, а ослободени се и граѓаните на трите држави кои имаат косовско државјанство и доколку живеат во Косово.

Претходно, и Северна Македонија воведе задолжителен ПЦР тест за влез во земјава за државјани на Косово, Србија, Црна Гора и БиХ, а реакција имаше од косовскиот министер за здравство Арменд Земај кој нагласи дека одлуката не е праведна и дека можни се контра мерки.