
Актерката Амбер Хард го обвини пред судот нејзиниот поранешен сопруг Џони Деп дека ја злоставувал физички и психички и дека повеќе пати стравувала за нејзиниот живот за време на нивната бурна врска.
На првиот ден од нејзиното сведочење пред судот во Лондон, Хард ги негираше обвинувањата дека била тешко зависна од наркотици и алкохол, како и дека го контролирала и злоставувала.
„Никогаш не сум бил насилна кон него. Кога ќе почувствував дека животот ми е во опасност, се обидов да се одбранам“, рече 34-годишната американска актерка.
Деп (57) негира дека некогаш ја злоставувал Хард. Тој беше на суд и го сослуша сведочењето на неговата поранешна сопруга, кое треба да трае три дена. Меѓу другото, Хард го опиша инцидентот од јануари 2015 година во хотелска соба во Токио во врска со предбрачниот договор.
Во писменото сведочење таа навела дека „некои инциденти биле толку сериозни“, што се плашела дека Деп ќе ја убие, „или намерно или поради губење на контролата врз себе“. Таа додаде дека Деп „многу пати експлицитно се заканувал дека ќе ја убие, особено во подоцнежната фаза на врската“ и дека за своите постапки тој подоцна ја обвинувал „дивата трета страна“ која ја нарекувал „чудовиште“.
Актерката изјави дека Деп е „многу добар во манипулирање со луѓето“. Во нејзиното писмено сведочење, таа исто така изјавила дека Деп „честопати не се сеќавал што направил“ заради количината алкохол и дрога кои ги земал и се однесувал како ништо да не се случило.
Хард била присутна во текот на целото досегашно судење, кое траеше девет дена. Деп сведочеше пет дена, а остатокот од времето, сведоците ја бранеа неговата верзија на настаните. За време на неговото сведочење, Деп ја обвини Хард дека го нокаутирала за време на расправија при крајот на бракот, откако го прославила својот 30-ти роденден, неколку часа откако дознал дека поранешните менаџери го оштетиле за стотици милиони долари.