Земјаќи предвид дека оваа година освен светската пандемија ковид-19, се соочуваме и со болеста Син јазик кај животните, верниците да внимаваат со купување и колење на курбани во своите домови, но тоа да го направат или преку Исламската верска заедница, или преку надлежните каде соодветно санитарните и верските стандарди прават колење на курбаните, порача Скопскиот муфтија Кенан Исмаили на прес-конференција.
„Ние сме подготвени за утрешниот ден. И со одборите на џамиите и со имамите, ги анулиравме сите манифестации поврзани со Курбан Бајрам за што пократко да стоиме во џамаија и тоа само во времето додека се клања, 15 до 20 минути. Уште минатата недела преку џамиите, верниците ги упативме верскиот празник да го помнат во домашен амбиент, и да си честитаат преку телефон и преку социјалните мрежи. Верниците муслимани овој пат да бидат повнимателни за празникот Курбан Бајрам“, рече мифтијата Исмаили.
По повод утрешниот празник Курбан Бајрам јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје поставува специјални садови за одлагање на органскиот отпад од колењето на курбанот, со цел спречување на неконтролираното одлагање на овој вид отпад на јавни површини што може да доведе до низа штетни последици врз животната околина и јавното здравје.
Директорот на претпријатието Абдусамед Шабани денеска на прес-конференција апелира до сите граѓани во Скопје органскиот отпад да го фрлаат во тие специјални садови кои ќе бидат поставени на неколку локации во скопските општини.
„Јавната чистота е наш дел и ние не можеме само како јавно претпријатие да излеземе во пресрет, но овие акции придонесуваат да ја подигнеме свеста кај граѓаните дека тој опасен отпад има место каде треба да се исфрла, а што се однесува на секојдневните активности кои ние ги спроведуваме апелирам кабаст и градежен отпад да се фрла таму каде што му е место, а не до нашите садови. Се надевам дека во иднина ќе се смени тоа, одлагањето да биде прописно согласно законот, и сите прекршители да бидат казнети“, рече Шабани.