Скопјанец затечен како краде од угостителски објект, па се степал

Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Разбојничка кражба од член 238 став 1 од Кривичниот законик донесе денеска јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.

Осомничениот 36-годишник, на 29 јули, затечен во кражба во угостителски објект на улица „Славе Георгиевски – Шнајдер“, употребил сила и нападнал врз телото на двајца оштетени – татко и ќерка.

Тој преку прозорецот влегол во угостителскиот објект и одзел три телевизори во вкупна вредност од 100.000 денари. Но, притоа бил затекнат од оштетениот и неговата ќерка, кои се обиделе да повикаат полиција.

Во тој момент, осомничениот ја удрил оштетената со тупаница во пределот на главата, ја турнал и се обидел да го удри нејзиниот татко, кој го одбил ударот со рака. Пријавениот се обидел да избега од местото на настанот со својот мотор со приколка, но оштетениот и еден случаен минувач успеале да го задржат. За тоа време, оштетената настанот го пријавила во блиската полициска станица, по што полициски службеници го лишиле од слобода осомниченото лице.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.​