Лекарите забранија Навални, критичарот на Путин, кој е во кома под сомнение на труење, да биде транспортиран во странство за понатамошно лекување.
Навални вчера утро беше хоспитализиран под сомнение за труење. Канцеларката Ангела Меркел претходно им рече на новинарите дека Германија е подготвена да му пружи медицинска помош на Навални доколку добие барање за тоа.
„Ако тие побараат, ние ќе обезбедиме медицинска помош, вклучително и во германските болници, но мора од нив да дојде барање“, рече таа на прес-конференцијата што ја одржа со францускиот претседател Емануел Макрон на југот на Франција.
Билд исто така објави дека болницата Шарит во Берлин е подготвена да го лекува Навални. Никој во болницата не бил достапен за коментар.
На Навални, жестокиот критичар на претседателот Владимир Путин, му се слошило во авион на летот кон Москва, откако пиел чај на аеродром во сибирскиот град Томск.
Авионот принудно слетал во Омск. Навални (44) е на интензивна нега и е приклучен на респиратор. Неговите соработници велат дека отров бил ставен во чајот што го испил утрото.
Фотографија од Навални како пие чај од хартиена чаша на аеродромот брзо се прошири на социјалните мрежи.
Russian opposition leader Alexei Navalny is in intensive care in Siberia after being poisoned. Doctors say someone slipped an unknown substance into his tea. https://t.co/WcbrEf1TTJ
— max seddon (@maxseddon) August 20, 2020
Медиумите објавија дека Навални на почетокот на летот отишол во тоалет и не се вратил. Брзо му се слошило и викал од болка. Медиумите објавија и снимка од авионот, на која се слуша како Навални вика од болка.