На развивање на нервниот боев агенс популарно наречен „новичок“ работеа експерти од многу западни земји и специјализираните структури на НАТО, потсети во саботата руското министертво за надворешни работи по бројните „непријателски изјави“ од повеќе земји во врска со наводното труење на рускиот опозициски блогер Алексеј Навални.
Во петокот, шефовите на германската и француската дипломатија, Хајко Маас односно Жан-Ив Ле Дријан, излегоа со заедничка изјава во врска со ситуацијата околу Навални. Во изјавата е вели дека министрите „споделуваат длабока шокираност од нападот“ врз рускиот опозиционер, а самиот настан го оценуваат како „сериозно кршење на демократијата и плурализнот“. Маас и Ле Дријан, исто така, изјавија дека очекуваат гаранции од руските власти за сопствените граѓани кога станува збор за „граѓански и политички права“.
„Во врска со недвосмислените тврдења дека токсичното хемиско соединение со невро-паралитичко дејство, кое на Запад го нарекуваат ‘новичок’ (почетник) било развиено во нашата земја, неопходно е да ве потсетиме на следното. Долги години, стручњаците во многу западни земји и специјализираните структури на НАТО работеа на соединенијата вклучена во оваа обемна група хемиски супстанции“, се вели во соопштението на руската дипломатија.
Станува збор за нервен агенс кој британската влада пред две години по инцидентот во Солзбери со поранешниот двоен британско-советски шпион Сергеј Скрипал, го нарече „новичок“ алудирајќи го неговото наводно руско потекло, поради тоа што бил развиван во времето на поранешната советска армија. Русија, пак, вели дека станува збор за агенс познат како А234 и оти на негово развивање работеле и Велика Британија, Шведска, Чешка, Словачка и САД.
Руското министерство за надворешни работи, исто така, потсетува дека САД на авторите на технологијата за воена примена на споменатата група супстанции им издале стотина патенти. Во САД, исто така, со децении живее и рускиот хемичар Вил Мирзајанов кој себеси се нарекува „еден од творците“ на нервниот отров „новичок“. Покрај тоа, во минатото имаше информации дека формули и структури во врска со овој агенс се објавувани во многу научни студии кои може да се најдат во врвните американски библиотеки.
Во средата германската влада изјави дека лабораторијата крај Минхен на германската армија Бундесверот, по десет дена открила дека Навални бил наводно труен со нервниот агенс „новичок“. На Навални му се слоши на лет за Москва, а беше хоспитализиран во болница во Омск, а три лаборатории во Русија не открија траги од некаков отров во неговиот организам или на облеката. По инсистирање на семејството и Берлин, два дена потоа опозиционерот авионски беше пренесен во клиниката „Шарите“ која соопшти дека анализите на три германски лаборатории нашле траги од токсична супстанција но не ја идентификувале.
Русија во петокот отфрли дека државата е на кој и да е начин вмешана во случајот на Навални. Потсети дека Германија по повеќе од десет дена не одговорила на барањето на Москва за размена на биоматеријалите на Навални и податоците добиени во руските и во германските лаборатории. Додаде дека тоа се меѓународни обврски, бидејќи станува збор за руски државјанин а евентуалниот инцидент се случила на руска територија.