Некогашниот премиер на Македонија, Љубчо Георгиевски, во вечерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на телевизиајта Алсат, проблематизирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија го гледа како промена на правилата на игра од страна на Софија.
„Со меморандумот се отиде до комплетна негација на јазикот. Сметам дека тоа беше малку како менување на правилата на игра во сред утакмица“, вели Георгиевски оценувајќи дека македонската влада не изреагирала соодветно додека во Софија со денови се водела дискусија за резолуцијата донесена во бугарскиот парламент.
„Имам чувство дека нашата дипломатија го преспа тој период. Таа декларација се дискутираше барем 10-15 дена во Бугарија, прво почнаа партиите, потоа отиде на влада…мислам дека министерството за надворешни работи на Македонија го преспа тој период. Споредмене тоа заслужуваше итна посета, да им се укаже дека тоа не смее да помине во парламентот и оти е сериозно нарушување на договореното“, рече Георгиевски.
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, во интервју за „360 степени“, зборуваше за актуелните случувања на релација Софија-Скопје.
Тој кажа дека ќе оди во Софија на телевизиско гостување каде, како што вели, ќе се обиде да разбие одредени тези актуелни во бугарската јавност.
„Првата теза е дека ако Бугарија ја пушти Македонија да оди напред, готово, сѐ е завршено со нивниот спор со македонската историја. Тоа воопшто не е точно затоа што сите живееме во демократски општества. Како што ништо не е завршено со историската дискусија ако Бугарија стави вето, така нема да биде завршено ако се постигне некаков договор па не стави вето. Затоа што никој не може да му забрани на некој историчар да пишува што сака и како сака“, рече Георгиевски и како пример го наведе договорот со Грција и ставовите за античка Македонија.
Георгиевски рече дека бугарската јавност треба да ја цени новата реалност во Македонија со новата власт.
„Жално е што кога дојде владата предводена од Заев која навистина декларира пријателство со Бугарија како што никој досега не декларирал, тука е претседателот Пендаровски кој нон-стоп инсистира на тоа пријателство. Имаме променети ставови на историчари, посебно претседателот на комисијата, Драги Ѓоргиев. Имаме една атмосфера која толку позитивна никогаш не била спрема Бугарија и луѓето кои се одговорни за овие состојби доживуваат удар… малку им е ударот кој треба да го понесат внатре во Македонија зборувајќи за тој нов поглед на историјата со Бугарија, а сега добиваат удар и од надвор“, вели Георгиевски.