Напаѓач од американската МЛС ќе дебитира за македонската фудбалска селекција

Напаѓачот на Лос Анџелес ФЦ, Даниел Мусовски, се согласи да игра за македонската фудбалска репрезентација, кој блесна во дресот на тимот од МЛС-лигата минатата седмица кога постигна два гола против Сиетл и беше прогласен за МВП на колото.

Македонската фудбалска репрезентација веднаш реагираше и стапи во контакт со 24-годишниот напаѓач. Мусовски веднаш прифатил да игра за националниот тим, па сега фудбалерот треба да добие македонски пасош. Работите треба да одат брзо со оглед на фактот дека неговите родители поседуваат македонски пасош, а од таборот на нашата федерација се надеваат дека документацијата брзо ќе биде завршена и 182 сантиметри високиот Мусовски ќе може да биде пријавен за настап против Грузија во финалето од баражот за пласман на ЕП 2021, натпревар што се игра на 12-ти ноември.

„Навистина ми е драго што Дени прифати да игра за Македонија, имавме искрен разговор и го очекуваме во нашиот тим на следните предизвици во ноември. Ќе ја зголемиме конкуренцијата во офанзивниот дел од тимот и мислам дека ќе биде од корист за сите. Неговиот ефект во Лос Анџелес е одличен. Наша обврска е да се обидеме да ја зголемиме конкуренцијата во тимот со фудбалери кои ќе донесат квалитет и ќе придонесуваат за подобри резултати. Се надевам дека Мусовски ќе го донесе токму тоа во нашата селекција“, изјави Игор Ангеловски за интернет страницата на ФФМ.

Дени Мусовски е роден во Хендерсон, во американската сојузана држава Невада на 30-ти ноември 1995 година. Кариерата ја почна во 2014 година во Лас Вегас Мобстерс. Пред да дојде во редовите на Лос Анџелес, инаку еден од најдобрите тимови во МЛС, играше уште и за Барлингејм Драгонс, Таксон Сан Хозе Ертквејкс и Рено 1868 каде на 40 натпревари даде 16 погодоци.

Сезонава во тимот на ЛА ФЦ има постигнато четири погодоци на 11 натпревари. Може да игра и како лево крило и како класичен напаѓач. Сезонава доби повеќе минутажа во тимот поради повредите на првите ѕвезди Карлос Вела и Диего Роси и одлично ја искористи шансата.